Здравје

Улогата на грлото на матката во бременоста и породувањето

Грлото на матката (цервиксот) има заштитна и функционална улога во бременоста. Во текот на поголемиот дел од бременоста тоа е цврсто и затворено, со што го држи бебето на сигурно и спречува влез на бактерии и инфекции.

Кога ќе дојде време за раѓање, тоа омекнува, се скратува и се отвора за да направи пат за бебето.

Зошто се мери должината на грлото на матката?

Скратувањето на цервиксот е еден од главните показатели за ризик од предвремено породување. Преку ултразвучни и гинеколошки прегледи редовно се следи неговата должина.

  • Нормална состојба: подолг и цврст цервикс.
  • Скратен цервикс: секое грло на матката пократко од 25 mm пред влегувањето во третиот триместар.

Причини за предвремено скратување

Скратувањето и омекнувањето се природни на крајот од бременоста, но доколку се случат прерано, можни причини се:

  • Вродено пократко грло на матката или аномалии на матката.
  • Претходни хируршки интервенции или повреди на цервиксот од претходни породувања.
  • Нелекувани вагинални инфекции или воспаленија.
  • Мал временски простор меѓу две бремености.
  • Историја на скратен цервикс во претходна бременост.

Што ако цервиксот се скрати прерано?

Доколку се забележи предвремено скратување или отворање, постојат две основни медицински решенија за спречување на компликации:

  • Серклаж: хируршко подврзување на грлото на матката што го спречува понатамошното отворање и го намалува ризикот од губење на бременоста.
  • Прогестеронска терапија: орална, вагинална или инјекциона хормонска терапија, најчесто во комбинација со строго мирување.

Скратувањето како знак за скорешно породување

Пред самиот чин на породување, грлото на матката целосно се скратува, станува еластично и се спојува со ѕидот на матката. Притоа испаѓа слузниот чеп, што е знак за почеток на процесот. Со помош на контракциите, цервиксот постепено се шири, од 2-3 cm на почетокот сè до целосна дилатација од 10 cm, што овозможува бебето безопасно да помине низ породилниот канал.

Извор

Поврзани написи

To top