Образование

Креативни вежби пред тргнување на училиште со методи на арт и библиотерапија за деца

Во овој текст ќе  предложам комплекс од вежби со кои детето полесно ќе се соочи со училиштето, без страв, а адаптацијата ќе помине многу полесно. Секако, можете да ги приспособите вежбите според индивидуалните потреби на детето, ако детето со задоволство црта, користете ликовна форма, ако одбива, истата тема понудете ја преку игра, движење или игра со предмети. Не инсистирајте на цртање. Ако детето избегнува ликовни активности, тоа не мора да значи отпор. Може да биде начин на заштита, несигурност или едноставно замор. Играта е природен и безбеден начин за детето да се подготви за адаптација.

Сите овие вежби се насочени кон создавање внатрешно чувство на сигурност. Затоа, не се важни совршените резултати, туку просторот во кој детето може да се изрази, да биде слушнато и да добие поддршка.

 Запознавање со училиштето

Цел: Намалување на анксиозноста пред новиот простор и помош детето да го доживее училиштето како нешто познато и сигурно.

 Визуелен начин: Цртаме серија едноставни слики: одиме на прошетка околу училиштето и цртаме: „Што видов околу училиштето?“, „Што ми беше интересно?“, „Што ме изненади?“

 Игровен начин: Игра: „Пронајди го ова во училиштето“

По прошетката/разгледувањето фотографии, понудете му на детето картички или вистински предмети (клуч, ѕвонче, клупа, скали, табла) и играјте „пронајди ја соодветната работа“. Потоа разговарајте што е тоа и за што се користи.

Може да се користи и игра со улоги со играчки преку претходно подготвен текст: Ежето првпат оди на училиште, што гледа, што му е интересно, од што се плаши?

 Што има во мојот ранец?

Цел: Подготовка на детето за училишните рутини преку запознавање со предметите и нивната функција.

 Визуелен начин: Цртаме ранец и предмети што се наоѓаат во него. Разговараме за тоа што е секој предмет и за што ни е потребен.

 Игровен начин: Игра: „Спакувај го ранецот“

Вистински предмети или нивни играчки верзии се поставуваат на масата. Детето треба да го спакува ранецот за училиште/авантура. Разговараме: за што служи секој предмет, дали нешто е заборавено и како да реагираме ако нешто се изгуби.

Што да направам ако…? (подготовка за социјални ситуации)

Цел: Подготовка за најчестите и највознемирувачки секојдневни и социјални ситуации.

 Визуелен начин: Цртаме кратки стрипови или ситуации:

– „Не знам каде треба да одам.“

– „Жеден/жедна сум.“

– „Се изгубив.“

– „Сакам да се запознам со некого.“

 Игровен начин: Игра: „Што би направил/а ако…?“

Моделираме ситуации со фигурички, животни или преку игра со улоги:

– Мама е наставник, детето е ученик.

– Ги играме ситуациите и бараме различни можни решенија.

Може да користите и картички со емоции „Кога сите сме заедно“ во издание на Арс Ламина или активности за полесно да му помогнете на детето.

Јас сум ученик/чка

Цел: Постепено прифаќање на новата улога и социјалниот статус.

 Визуелен начин: Се цртаме себеси на училиште: во клупа, на час, на одмор. Кој е покрај нас? Како изгледаме?

 Игровен начин: Игра: „Ја пробуваме улогата“

– Детето избира атрибут на ученик: ранец, училишна униформа, беџ.

– Играјте училиште со играчки или со возрасните.

– Може да направите и „Ученичка легитимација“ – да се стави фотографија и да се напише името.

Автор: м-р психолог Христина Стефановска

Поврзани написи

To top