Образование

Учебната година е пред нас: што треба да знае секое дете пред да тргне во прво одделение?

Почетокот на првото одделение претставува голема промена во животот на детето. Новата средина, училишните правила, обврските и очекувањата носат многу нови искуства. Затоа, подготовката за училиште не треба да се сведува само на тоа дали детето ги препознава буквите и броевите. Од логопедски аспект, особено значајно е детето пред почетокот на училиштето да има развиени говорно-јазични, комуникациски и предвештини за читање и пишување бидејќи тие претставуваат важна основа за совладување на училишниот материјал и обврски.

Што значи детето да биде подготвено за училиште?
Училишната подготвеност опфаќа повеќе области на развој. Детето не треба да биде „совршено“ и да го знае целиот училиштен материјал однапред. Многу поважно е да има развиени основни способности кои ќе му овозможат полесно да учи, да комуницира и да се снаоѓа во новата средина.

  1. Развиен и разбирлив говор
    Пред да започне со читање и пишување, детето треба да може јасно и разбирливо да комуницира со околината.
    Важно е да може да:
    -ги изговара сите гласови од неговиот мајчин јазик;
    -користи речник соодветен на возраста;
    -формира граматички и смисловно соодветни реченици;
    -раскажува настан, приказна или доживување;
    -одговара на прашања и да поставува прашања;
    -ги изразува своите потреби, мисли и чувства;
    -следи разговор и да го разбира она што му се кажува.
    Разбирливиот говор е особено важен бидејќи детето во училиштето постојано ќе биде во ситуации во кои треба да слуша, да одговара, да раскажува и да учествува во комуникација.
  2. Разбирање и следење инструкции
    Во училишната средина детето секојдневно добива различни инструкции: да отвори книга, да запише нешто, да обои одреден предмет или да изврши задача во неколку чекори.
    Затоа, важно е да може да разбере и да следи инструкции со постепено зголемување на сложеноста.
    На пример:
    „Земи го црвениот молив, обој го кругот и потоа заокружи го квадратот.“
    Ова не бара само слушање, туку и разбирање, задржување на информацијата и нејзино правилно извршување.
  3. Фонолошка свесност – основа за читање и пишување
    Една од особено важните области од логопедски аспект е фонолошката свесност – способноста детето да го препознава и анализира звучниот состав на зборовите.
    Пред да започне со формално читање и пишување, детето постепено треба да може да:
    -препознава и создава рими;
    -дели зборови на слогови;
    -препознава со кој глас започнува зборот;
    -препознава со кој глас завршува зборот;
    -препознава и разликува гласови во зборовите;
    -спојува гласови во збор.
    Овие вештини се значајни за поврзувањето на гласот со буквата и за понатамошниот развој на читањето и пишувањето.
  4. Внимание, слушна меморија и работна меморија
    Детето во училиште треба да може да слуша, да запомни информација и да ја употреби при извршување на задачата.
    На пример, ако наставникот даде неколку инструкции еднаподруга, детето треба да може да ги запомни и да ги изврши по правилен редослед.
    Овие способности се развиваат преку читање приказни, мемориски игри, слушање и повторување низа зборови, следење инструкции и различни игри кои бараат концентрација.
    Предвештини за читање и пишување
    Подготвеноста за читање и пишување започнува многу пред детето да ја научи целата азбука.
    Важно е да разбира дека:
    -зборовите се составени од гласови;
    -реченицата се состои од зборови;
    -печатениот текст носи порака;
    -буквите претставуваат гласови;
    -текстот се чита во одредена насока.
    Исто така, важни се визуелната перцепција, способноста за разликување слични форми, просторната ориентација и графомоторните вештини.
  5. Фина моторика и графомоторика
    Пишувањето бара координација на повеќе способности. Детето треба да има доволно развиена фина моторика и координација око–рака.
    Активности како цртање, боење, моделирање со пластелин, сечење со ножички, нижење и манипулирање со ситни предмети можат да придонесат за развојот на овие способности.
    Важно е детето постепено да стекнува контрола врз движењето на раката, без подготовката да се сведе само на пишување букви.
  6. Основни математички вештини
    Иако логопедската работа најчесто ја поврзуваме со говорот и јазикот, училишната подготвеност е поширока.
    Пред почетокот на прво одделение корисно е детето да има развиено основно разбирање на:
    -броење и количества;
    -повеќе и помалку;
    -големо и мало;
    -форми и бои;
    -класификација и групирање;
    -просторни односи – горе, долу, пред, зад, лево и десно;
    -временски поими – ден, ноќ, вчера, денес и утре.
  7. Комуникација и социјални вештини
    Училиштето е социјална средина. Детето треба да комуницира со наставникот, но и со своите врсници.
    Важно е да може да:
    -чека ред за зборување;
    -слуша кога друг зборува;
    -постави прашање;
    -побара помош;
    -учествува во групна активност;
    -следи правила;
    -споделува и соработува со другите.
    Развиените комуникациски вештини му помагаат на детето полесно да се вклопи и активно да учествува во наставата.

Како можат да помогнат родителите?
Подготовката за училиште не мора да се претвори во дополнителни „часови“ дома. Напротив, најголем дел од потребните вештини можат да се развиваат преку секојдневни активности.
Родителите можат да:
-читаат приказни секојдневно и да разговараат за прочитаното;
-бараат од детето да прераскаже што слушнало;
-поставуваат прашања за ликовите и настаните;
-играат игри со рима и слогови;
-бараат зборови што започнуваат со одреден глас;
-играат мемориски и логички игри;
-поттикнуваат цртање, боење и моделирање;
-бројат предмети во секојдневни ситуации;
-му даваат едноставни инструкции кои постепено стануваат посложени;
-поттикнуваат самостојност при облекување, средување и подготовка на сопствените работи.

Дали детето мора да знае да чита пред да тргне во прво одделение?

Не. Не е неопходно секое дете пред почетокот на прво одделение да чита и да пишува.
Она што е важно е да има развиени предвештини за читање и пишување, соодветен говорно-јазичен развој, внимание, разбирање, способност за следење инструкции и интерес за учење
Прекумерниот притисок детето однапред да го совлада училишниот материјал може да создаде непотребна фрустрација. Наместо тоа, фокусот треба да биде на градење стабилна развојна основа.
Кога е добро да се побара логопедска процена?
Доколку пред почетокот на прво одделение родителот забележи дека детето има значителни тешкотии со говорот, разбирањето, следењето инструкции, раскажувањето, фонолошката свесност, вниманието или предвештините за читање и пишување, корисно е да се направи стручна проценка.

Автор: Илина Недановска, дипломиран логопед, Илина – Центар за говорно-јазичен развој и рехабилитација во Скопје

Поврзани написи

To top