Повеќето родители се трудат да го направат сето она што е во нивна моќ за нивните деца да го достигнат својот полн интелектуален потенцијал, да израснат во умни и успешни личности. Додека едни веруваат дека тоа се постигнува со учење букви од најрана возраст, други ги запишуваат децата на програмирање уште на четири или пет години.
Науката покажува дека постои нешто уште подобро што можете да го направите за да го поттикнете интелектуалниот развој на детето, а тоа е музиката.
Неодамнешните истражувања спроведени на Институтот за технологија во Масачусетс, а објавени во Списанието за невронаука, ја потврдуваат моќта што ја има музиката врз развојот на детскиот мозок.
Според авторите на студијата, музичкото образование во раната возраст влијае врз создавањето нови невронски врски и подобра поврзаност во мозокот. Тоа го прави детскиот мозок невролошки подготвен за многу поинакви предизвици, а не само за занимавање со музика.
-Оваа студија, како и многу други, покажа дека искуството е она што го обликува човечкиот мозок – истакнува Луц Јенке, коавтор на студијата.
Истражувањето открива дека „музичките“ мозоци создаваат повеќе структурни и функционални врски во споредба со оние кај луѓето што никогаш не се занимавале со музика.
Покрај музиката, други научни студии покажуваат дека речиси идентичен ефект врз мозокот имаат и балетот, голфот и шахот.
За да ја спроведат студијата, истражувачите анализирале мозочни снимки на 103 професионални музичари и 50 луѓе што не се занимаваат со музика. Скенирањето покажало дека сите музичари имаат зачудувачки слични невронски мрежи, со значително повеќе функционални конекции во споредба со тие што не биле музичари, посебно во областите задолжени за говор и звук.
Друг клучен фактор била возраста: децата што почнале со музичко образование порано, развиле значително посилни невронски врски.
Заклучокот на истражувањето е дека раната изложеност на музика и музичко образование низ игра им помагаат на децата да развијат посилна невронска мрежа и со тоа да постигнат повисок интелектуален потенцијал.
– Да го знаев ова како дете, најверојатно ќе учев да свирам на пијано – вели Сајмон Лајполд, еден од истражувачите во студијата.