Совети

Како топлотните бранови ни го нарушуваат менталното здравје?

Големите горештини не носат само физичка исцрпеност и непријатност. Експертите предупредуваат дека топлотните бранови можат сериозно да влијаат врз нашата психичка состојба – да ги зголемат раздразливоста, анксиозноста и чувството на фрустрација, а кај некои луѓе дополнително да ги влошат веќе постојните ментални тегоби.

Психологот Рави Гил објаснува како високите температури влијаат врз мозокот и емоциите, откривајќи зошто во текот на летото полесно го губиме трпението и потешко се справуваме со секојдневниот стрес.

Биологија на нервозата: што му прави жештината на мозокот?

Кога температурите се екстремно високи, во нашиот организам се случуваат низа биохемиски промени:

-Жештината ги нарушува системите на невротрансмитерите, како што е серотонинот, го влошува квалитетот на сонот и го зголемува нивото на хормоните на стрес, пред сè на кортизолот. Овие елементи имаат клучна улога во регулирањето на расположението и во контролата на импулсите

– Рави Гил, психолог.

Долготрајната физичка непријатност и исцрпеност ја намалува нашата емоционална отпорност. Поради тоа, дури и најситните проблеми ни изгледаат неподносливи, а малите секојдневни предизвици – дома, во сообраќајот или на работното место – лесно ескалираат во конфликти.

Лошиот сон дополнително ја влошува состојбата

Високите ноќни температури се посебен непријател на емоционалната стабилност бидејќи директно го нарушуваат спиењето.

  • Прекин на РЕМ-фазата: За да влезе во длабок и регенеративен сон, телото мора природно да ја спушти својата температура. Кога во просторијата е прежешко, луѓето често се будат, особено за време на РЕМ-фазата, која е клучна за обработка на емоциите и за меморијата.
  • Намалена контрола на импулсите: Недостигот на сон ја намалува активноста во делот од мозокот одговорен за контрола на импулсите (префронталниот кортекс), додека истовремено ја зголемува реактивноста во центрите за страв и стрес (амигдалата). Како резултат на тоа, стануваме емоционално почувствителни.

Слаба концентрација и намален проток на кислород

Освен врз расположението, горештините влијаат и врз когнитивните способности – концентрацијата, носењето одлуки и памтењето.

За да го разлади организмот, телото ги шири крвните садови, поради што мозокот добива помалку крв и кислород. Дополнително, дехидратацијата и губењето на крвните соли (електролити) дополнително ги забавуваат менталните процеси и ја намалуваат способноста за фокусирање.

Како да си помогнете во текот на топлотните бранови?

За да ја зачувате менталната стабилност и рамнотежа при високи температури, експертите советуваат неколку едноставни чекори:

  • Хидратација со електролити: Пијте вода редовно, без да чекате да почувствувате жед. Внесувајте пијалаци богати со електролити бидејќи тие се неопходни за правилна работа на нервниот систем.
  • Разладете ја спалната соба: Одржувајте ја просторијата за спиење што е можно поладна. Користете вентилатори, лесна постелнина и задолжително затемнувајте ги просториите во текот на денот.
  • Приспособете го темпото на работа: Потешките и физички или ментално најизискувачите обврски завршувајте ги рано наутро кога температурите се пониски. Во текот на најтоплиот дел од денот правете почести паузи.
  • Практикувајте лесни техники за опуштање: Вежбите за дишење, лесното истегнување или јогата во добро разладена просторија помагаат да се намали нивото на стрес во телото и да се спречи наталожувањето на долготрајна напрегнатост.

Извор

Поврзани написи

To top