Совети

Првиот ден на училиште без солзи: Како да му помогнете на детето да се соочи со стравот

Почетокот на септември и новата учебна година носат огромни емоции и за децата и за родителите. Независно дали вашето дете првпат застанува на школскиот праг или продолжува во повисоко одделение, првиот ден може да биде стресен. По долгото лето исполнето со слобода, враќањето кон обврските и одвојувањето од родителите може да предизвика солзи и страв.

Експертот за детски развој д-р Сиги Коен истакнува дека родителите често користат погрешни реченици со најдобра намера за да го утешат детето.

Фрази што треба да ги избегнувате (и зошто)

Кога детето плаче, несвесно ги изговараме познатите реченици:

  • „Добро си, не плачи!“
  • „Ќе најдеш многу нови другарчиња!“
  • „Ќе ти биде премногу забавно!“

Иако звучат позитивно, овие зборови ги негираат вистинските емоции на детето. За него, во тој момент ништо не е забавно, а пораката „не плачи“ му кажува дека тоа што го чувствува е погрешно.

Што да кажете наместо тоа?

Д-р Сиги советува да ги нормализирате неговите чувства и да изградите сигурност преку следниве чекори:

  1. Прифатете ги неговите емоции:
    • „Нормално е да ти недостигам кога ќе се поздравиме. И ти мене ќе ми недостигаш. Тоа е затоа што се сакаме, а тоа е убава работа.“
  2. Пренасочете го вниманието кон неговите вештини за справување:
    • Наместо да го прекинувате плачењето, прашајте: „Со што би сакал да играш кога ќе престанеш да плачеш?“
  3. Изградете доверба во наставникот:
    • Потсетете го дека дома за него се грижите вие, но на училиште тоа е задача на учителката: „Ако ти треба нешто или се чувствуваш тажно, слободно кажи ѝ на учителката, таа е таму да ти помогне.“
  4. Објаснете ги промените и константите:
    • Објаснете дека новите работи се страшни само „додека не се навикнеме на нив“. Потсетете го на она што останува исто: столчињата, кревањето рака, познатите игри.
  5. Потсетете го на минатите успеси:
    • „Ти текнува ли на првиот ден минатата година? И тогаш малку се плашеше на почетокот, но на крајот успеа!“

Поврзани написи

To top