Здравје

Дерматолог советува како да реагирате ако детето изгори на сонце

Детската кожа е многу поосетлива од кожата на возрасните, па затоа дури и краток престој на силно сонце може да предизвика црвенило, болка и печење.

Специјалист дерматолог објаснува како правилно да му помогнете на детето во домашни услови и кои симптоми се знак дека мора веднаш да одите на лекар.

Прва помош кога детето ќе изгори на сонце

Доколку забележите дека кожата на детето е зацрвенета и топла, направете ги следниве чекори:

  • Тргнете го детето од сонце: веднаш засолнете го внатре, подалеку од плажата или базенот.
  • Млак туш: истуширајте го детето со млака вода. Никогаш не ставајте мраз директно на изгорената кожа!
  • Ладни облоги: натопете стерилни гази со вода или со физиолошки раствор и ставете ги на изгорените места.
  • Интензивна хидратација: давајте му на детето да пие големо количество течности (вода, чај).
  • Ублажување на болката: доколку детето чувствува силна болка, можете да му дадете сируп парацетамол во доза приспособена на неговата возраст.
  • Нега на кожата: нанесете крем со пантенол, гел од алое вера или препарати на база на камилица за да ја смирите кожата. Во наредните денови неколку пати дневно нанесувајте регенеративни кремови.
  • Заштитна облека: Детето треба да носи удобни, бели и тенки памучни маици, како и капа кога излегува надвор.

Кога е време за задолжителен преглед кај лекар?

Иако благите изгореници поминуваат брзо со правилна нега, веднаш побарајте лекарска помош доколку:

  • изгореницата зафаќа голема површина од телото;
  • се појави оток, силно жарење или плускавци (меури) на кожата;
  • детето добие покачена температура, повраќа или е изнемоштено;
  • детето е бебе – веднаш се оди на педијатар.

Најдобра заштита е превенцијата

За да ги избегнете овие непријатни ситуации, не изложувајте го детето на директно сонце во најтоплиот дел од денот. Секогаш користете квалитетен крем со висок заштитен фактор (СПФ 50) наменет за деца, облекувајте го во лесна и светла облека и не заборавајте на капата и очилата за сонце.

Извор

Поврзани написи

To top