Детските играчки постојано минуваат од рака во рака, особено кога децата си играат со своите другарчиња кои кашлаат, шмркаат и киваат. Но, колку навистина е полна со бактерии кутијата за играчки на вашето малечко?
Д-р Џејмс Гарнет, истражувач по микробна структурна биологија, објаснува кои се реалните ризици и како правилно да се грижиме за хигиената на играчките.
Како се пренесуваат инфекциите преку играчките?
Главниот пат за пренесување на инфекциите кај децата е преку кивање, како и преку контакт со слузокожата или со фекалии, кои потоа завршуваат во устата или носот на друго дете.
Најчестите патогени што научниците ги пронаоѓаат на детските играчки се респираторните вируси (како аденовирус, риновирус и РСВ кои предизвикуваат настинки), но и предизвикувачите на стомачни вируси и дијареја, како што се ротавирусот, норовирусот и бактеријата ешерихија коли. Исто така, на одредени играчки лесно се развиваат габички и мувла.
Кои играчки се најпроблематични?
Некои играчки се вистински магнети за бактерии поради нивниот материјал или форма:
- Меките кадифени играчки: Тие задржуваат многу повеќе микроорганизми отколку тврдите пластични или дрвени играчки. Поради нивната текстура, тие полесно ги шират патогените.
- Играчките за капење со дупки: Тие се исклучително склони кон создавање т.н. биофилм (слој од бактерии и габички). Влагата во нивната внатрешност создава идеална, темна и влажна средина во која мувлата брзо се размножува и тешко се чисти.
Повеќето микроорганизми се, всушност, наши пријатели
Иако горенаведеното звучи застрашувачки, д-р Гарнет потсетува на една важна реалност – поголемиот дел од микроорганизмите не се опасни.
Помалку од 0,001 % од откриените микроорганизми можат да предизвикаат болест. Човечкото тело е составено од повеќе од 50 % микроорганизми (бактерии, габички, вируси) кои го сочинуваат нашиот микробиом. Тие се неопходни за нашето здравје и го стимулираат имунолошкиот систем да се бори против вистинските опасности. Претераната стерилизација може да му наштети на природниот имунитет на детето.
Колку често треба да ги чистите играчките?
Истражувањата покажуваат дека редовната стерилизација на сите играчки во домот не го намалува процентот на разболување кај децата. Сепак, одредена хигиена е потребна во зависност од возраста на детето и ситуацијата во домот.
Играчки за бебиња и глодалки
Доколку паднат на под, а бебето сака повторно да ги стави в уста, задолжително дезинфицирајте ги. Бебињата сè уште го градат својот имунитет, па затоа играчките што се џвакаат бараат поголемо внимание.
Играчки за постари деца
За секојдневна употреба, доволно е само редовно да ги пребришете со влажна крпа. Но, доколку во куќата владеел вирус или играчките дошле во допир со телесни течности (секрет од носот, крв, измет), тогаш темелно измијте ги со топла вода и сапун и дезинфицирајте ги. Помалите пластични кукли и играчките за капење можете едноставно да ги измиете во машина за миење садови.
Меките кадифени играчки
Треба да ги перете во машина за перење алишта (со центрифуга) еднаш месечно. Меѓутоа, доколку вашето дете има омилена кадифена играчка со која постојано спие, ја става в уста или ја носи надвор од домот, тогаш перете ја почесто – еднаш неделно.
Нема потреба од опсесивно дезинфицирање на секоја играчка секој ден. Природниот контакт со микроорганизмите му помага на детето да изгради силен имунитет. Најважно е да реагирате тогаш кога во домот владее вирус или кога играчките се видливо нечисти, а во секојдневни околности – дозволете им на децата безгрижно да си играат.