Воспитување

Најголемата вредност на спортот не се медалите, туку изградениот карактер

Најголемата вредност на спортот не е во тоа што детето ќе научи подобро да сервира, да ја шутне топката или да трча побрзо од своите врсници. Неговата вистинска вредност лежи во тоа што спортската средина е еден од најважните полигони за развој на карактерот, самодовербата и животните навики.

Поради ова, улогата на тренерот никогаш не треба да се набљудува исклучиво низ спортските резултати. Таа е многу подлабока и покомплексна отколку што изгледа.

Успешниот тренер е педагог, воспитувач и мотиватор

Во јавноста често се мисли дека работата на еден тренер е едноставна: да организира тренинг, да ги научи децата на техника и да ги подготви за натпревар. Во практика тоа е многу посложено.

Секое дете на тренинг го носи својот сопствен свет:

  • Некое доаѓа по убав ден во училиште, друго по конфликт со врсниците.
  • Некое се бори со недостиг на самодоверба, а некое со голем страв од неуспех.

Затоа, тренерот мора да биде и одличен педагог и психолог. Децата многу поретко ги паметат резултатите, а многу повеќе го паметат начинот на кој се чувствувале во присуство на тренерот. Го паметат охрабрувањето кога не им одело, вниманието кога имале проблем и чувството на прифатеност во групата. Довербата е темелот на секој успешен тренинг.

Спортот како здрава противтежа на дигиталниот свет

Денешните генерации растат во поинаков свет. Наместо игра на улица, добар дел од времето го поминуваат пред телефоните и социјалните мрежи. Наместо да се бориме против времето во кое децата живеат, наша задача како возрасни е да го разбереме.

Современиот тренер мора да ги разбере интересите на новите генерации. На децата денес им се потребни динамика, комуникација и силно чувство на припадност. Кога спортот ќе ги задоволи овие потреби, тој станува моќен лек против пасивниот начин на живот.

Зошто е толку важно чувството на припадност?

Една од основните психолошки потреби на секое дете е потребата да припаѓа на група. Кога тоа се чувствува прифатено од врсниците, неговата мотивација расте. Тогаш станува подготвено да се труди, да презема одговорност и да истрае дури и кога е тешко.

Низ припадноста во здрав спортски колектив децата ги учат најважните животни вредности: соработка, дисциплина, почит, трпение и одговорност.

Родителот и тренерот мора да бидат сојузници

Една од најголемите грешки во младинскиот спорт е недоволната комуникација меѓу родителите и тренерите.

  • Родителот го гледа детето во семејната средина.
  • Тренерот го гледа детето во колективот.

Дури кога овие две перспективи ќе се поврзат, се добива целосната слика за потребите на детето. Зад слабата концентрација на тренинг можеби се крие проблем во училиштето, а зад повлеченоста – недостиг на самодоверба.

Оваа соработка не значи мешање во улогите. Родителот не е тренер, а тренерот не е родител. Но, кога постои меѓусебна почит, двете страни работат за иста цел – доброто на детето.

Најголемиот успех не се мери со трофеи

Спортските резултати се минливи. Медалите завршуваат во некоја фиока, а бројките се забораваат. Она што останува засекогаш се навиките, вредностите и карактерот изградени во тие спортски години.

Успехот на еден тренер не се мери со бројот на пехари, туку со бројот на деца кои благодарение на спортот станале одговорни, самостојни, дисциплинирани и добри луѓе. Ако детето од спортот понесе самодоверба, работни навики, почит кон другите и верба во себе, тогаш спортот ја исполнил својата најважна мисија. Тоа е вистинската суштина на спортската педагогија.

Извор

Поврзани написи

To top