Постојат лекари што лекуваат со знаење, но постојат и оние, ретките, што лекуваат и со самата своја појава, со добрина и со топла насмевка. За Битола и за илјадници семејства во нашата држава, таква филозофска и човечка големина беше почитуваниот д-р Вангел Тодоров. Човек кој не беше само доктор, туку најдобар пријател на децата и сигурно прибежиште за загрижените родители. По повод големиот јубилеј, 20 години од основањето на неговата ординација, со гордост, љубов и длабока почит го споделуваме ова емотивно сеќавање напишано од неговата сопруга.
Почитувани,
Денес се навршуваат 20 години од почетокот на работата на ПЗУ „Д-р Вангел“. Нејзиното формирање почна многу порано, уште од студентските денови на д-р Вангел на Медицинскиот факултет во Белград.

Полагајќи испит по испит, напредувајќи од една во друга академска година и приближувајќи се кон дипломирањето, размислувањето што понатаму кога ќе го заврши факултетот го водеше докторот до една идеја и желба – некогаш, кога за тоа ќе се создадат можности и услови, да отвори своја ординација. Простор кој ќе го уреди по свој избор, во кој ќе ја организира работата по своите стручни знаења и човечки убедувања. Во однос на прашањето каде ќе биде тоа, не постоеше дилема. И покрај можностите тоа да биде Белград, САД или Австралија, тој се одлучи за Битола, неговиот роден град. Подоцна честопати ќе речеше дека воопшто не жали за својата одлука.
Конкретната реализација на неговата желба започна преку првото вработување во селото Старавина. Таму, како млад доктор, преку здравствените проблеми на, пред сè, повозрасната популација, почна да стекнува практично искуство, кое подоцна го прошири и продлабочи во амбулантата на „Транскоп“. Работењето во Советувалиштето за здраво дете и вакцинација во Битола и специјализацијата во областа на педијатријата претставуваа напредување во професијата во саканата насока.
Установата каде што се стекна со титулата специјалист педијатар, Институтот за здравствена заштита на мајка и дете на Србија, лоциран во Нов Белград, беше вистинското место за тоа. Тоа беше средина со одлични просторни услови за тоа време, најсовремена опрема, врвни здравствени работници со огромно теоретско знаење и практично искуство, како и ретки дијагнози (со некои од нив тогаш се сретна прв и последен пат во животот). Обележјата на овој дел од напредувањето во професијата, како што беа секојдневната макотрпна работа, честите дежурства и подготовката на специјалистичкиот испит, беа одлични предуслови за неговата подоцнежна успешна работа како педијатар.
Дополнително, советите на неговите професори: „Жури се полако“ (смиреност и фокусираност) и „Док уђете у машину, колега“ (дисциплина и истрајност), насочени кон полесно совладување на проблемите, предизвиците и стресните ситуации кои се толку чести во неговата професија, му беа водилки и во секојдневниот живот. Често ги споменуваше, ги применуваше и ги споделуваше.
На почетокот од 1991 година тој се врати во Битола и започна да работи како педијатар во Диспанзерот за болно дете при Здравствениот дом во Битола. Во следните 15 години ја стекна довербата кај родителите и огромната љубов од малите пациенти. Во секојдневната борба за здрава млада популација дојдоа до израз не само неговата стручност и посветеност кон работата, туку и неговата искреност, емпатија и добрина. Децата го чувствуваа тоа, без страв доаѓаа на преглед и се однесуваа кон него како кон другар.

Неговата ординација започна да работи на 6.6.2006 година. Првиот пациент кој влезе во ординацијата беше мојата колешка Виолета Маневска. Таа не се сеќава, но јас тоа многу добро го знам. И овој почеток беше тежок, можеби најтежок од сите други. Д-р Вангел работеше сам три години, од понеделник до сабота, по 12 часа, некогаш 13, па дури и 14 часа, со пауза од два часа за ручек. Без ниту еден ден годишен одмор, со пауза само во неделите и за државните празници. И успеа. Неговата ординација стана препознатлива во градот и регионот по стручноста на докторот, големата почит кон пациентите, начинот на работа и чесноста. Како потврда за ова, беше добитник на наградата „4 Ноември“ на Општина Битола за 2014 година.

Постои еден коментар од мајка на објавата за неговата смрт на социјалните мрежи во кој вели дека секое дете во градот било барем еднаш прегледано од д-р Вангел. Бев присутна кога при средба со еден негов школски другар тој буквално му рече: „На половина Битола гајлето ни го бериш“.
Но, животот на секој од нас има почеток и свој крај. Д-р Вангел Тодоров почина на 4.1.2023 година.
Ординацијата продолжи да работи сѐ до денес. Д-р Гордана Ристевска ја презеде одговорноста за стручната работа на ординацијата. Д-р Никола Китановски, кој се вработи нецела година по смртта на докторот, брзо се вклопи и до ден-денес придонесува во нејзиното работење. Медицинските сестри Вангелица, Маја и Јулијана многу помогнаа во тој пресвртен период за амбулантата. Денес, медицинските сестри Екатерина и Ангела продолжуваат по нивниот пат.
Постхумно, во име на д-р Вангел Тодоров и во мое лично име, на сите нив им изразувам најдлабока благодарност.
Ординацијата и натаму работи врз цврстите темели кои ги постави нејзиниот основач, д-р Вангел Тодоров. Со просечна бројка од 15.000 прегледи годишно и со семејства кои веќе четврта генерација се пациенти на оваа здравствена установа, ординацијата останува вистински симбол на стручност, професионалност, доверба, како и чесен и топол пристап кон пациентите.
Марија Маленковска Тодорова, сопруга на д-р Вангел Тодоров.