Здравје

Што се тоа бебешки грчеви и како да му помогнете на вашето малечко?

Бебешките грчеви (инфантилни колики) се исклучително честа и минлива појава во раниот период од животот на бебето, присутна кај дури 30 % до 40 % од новороденчињата. Иако за родителите изгледаат застрашувачки, тие се сметаат за физиолошка состојба, а не за болест. Нивната појава е поврзана исклучиво со незрелоста на дигестивниот систем на бебето.

Најчесто започнуваат помеѓу втората и третата недела од животот, го достигнуваат својот врв околу шестата недела, а симптомите спонтано се повлекуваат околу четвртиот месец.

Како се манифестираат грчевите?

Клиничката слика на коликите е многу препознатлива:

  • Епизоди на интензивен, неутешен плач кој најчесто се јавува во попладневните или вечерните часови.
  • Плачот често има повисок тоналитет од вообичаениот.
  • Бебето е видно вознемирено, ги стега и ги собира нозете кон стомачето, ги менува изразот и бојата на лицето (поцрвенува) и изгледа како да трпи болка.

Зошто настануваат бебешките грчеви?

Главната причина е незрелоста на гастроинтестиналниот тракт. Цревата и нервната регулација на варењето кај новороденчето сè уште не се целосно развиени. Ова често доведува до зголемено создавање гасови, зголемена чувствителност на цревниот ѕид и чувство на непријатност.

Покрај тоа, постојат и дополнителни фактори кои можат да ги засилат симптомите:

  • Употреба на млечна формула (вештачко млеко).
  • Голтање воздух во текот на хранењето или лоша положба при цицање/пиење од шишенце.
  • Изложеност на бебето на тутунски чад.

Важноста на суплементацијата во првите месеци

Во првите месеци од животот, покрај мајчиното млеко или соодветната формула, на бебето не му се дава никаква друга храна. Сепак, сите релевантни светски и европски здруженија на педијатри препорачуваат задолжително додавање на одредени клучни суплементи уште од првите денови од животот:

  • Витамин Д3 (колекалциферол): Клучен е за правилен раст, развој и минерализација на коските кај доенчињата, како и за правилен развој на имунитетот. Бидејќи мајчиното млеко природно содржи многу мали количини на овој витамин, суплементацијата од 400 IJ дневно е стандардна препорака.
  • ДХA (докозахексаенска киселина): Оваа омега-3 масна киселина е исклучително важна за раниот развој на мозокот, видот и когнитивните функции кај бебето, особено во првите 1.000 дена од животот.

Дали капките со витамин Д3 и ДХA можат да предизвикаат грчеви?

Многу родители често се прашуваат дали капките што му ги даваат на бебето ги предизвикуваат или ги влошуваат грчевите. Науката и клиничкото искуство велат дека препорачаната суплементација на витамин Д3 и ДХA сама по себе не предизвикува грчеви, бидејќи овие супстанции не се поврзани со појавата на колики.

Поврзувањето на овие два настани најчесто е резултат на коинциденција – почетокот на давањето суплементи се совпаѓа со периодот кога грчевите природно почнуваат да се јавуваат кај бебето (околу втората или третата недела од животот). Грчеви имаат и бебиња што не примаат никакви суплементи.

Кај многу мал број бебиња маслената база на капките може да предизвика блага непријатност во стомачето или надуеност, без оглед на брендот на препаратот. Овие појави се ретки, благи и минливи, а придобивките за развојот на бебето се далеку поголеми.

Како правилно да се даваат маслените капки?

За да се обезбеди најдобра подносливост кај бебето и да се избегне секаква нелпријатност, се препорачуваат следниве чекори:

  1. Давајте ги капките по оброкот, директно на лажичка или во устата на бебето (избегнувајте мешање со поголема количина млеко).
  2. Давајте ги капките во претпладневните часови бидејќи во попладневните и вечерните часови грчевите природно го достигнуваат својот пик кај повеќето бебиња.

Како да му помогнете на бебето кога ќе се јават грчеви?

Доколку бебето се соочува со изразени колики, постојат неколку докажани и безбедни начини за олеснување на тегобите:

  • Пробиотици (особено со сојот Lactobacillus reuteri): Научните студии покажуваат дека овој специфичен пробиотски сој помага во балансирањето на цревната флора кај бебето и докажано го намалува времетраењето на неутешниот плач предизвикан од грчеви.
  • Ензими: Доколку грчевите се поврзани со привремена неможност за лесно разградување на лактозата (млечниот шеќер), капките што содржат ензим лактаза можат значително да го олеснат варењето на млекото.
  • Физички методи: Благи масажи на стомачето во правец на движењето на стрелките на часовникот, поставување топли облоги (термофорчиња за бебиња) на стомакот или нежно свиткување на нозете на бебето кон стомакот за полесно исфрлање на гасовите.
  • Техники на смирување: Носење во положба на тигар на гранка (бебето лежи со стомачето на вашата подлактица), нежно нишање, бел шум или едноставно близок контакт „кожа на кожа“ кој му нуди сигурност и топлина на бебето.

Бебешките грчеви се нормална, развојна и минлива фаза во животот на секое новороденче. Тие не се болест, ниту пак се последица на воведувањето на неопходната суплементација со витамин Д3 и омега масни киселини. Со трпение, правилно давање на капките во претпладневните часови и соодветни методи за олеснување на варењето, оваа фаза ќе помине многу полесно и за вашето бебе и за вас како родители.

Извор

Поврзани написи

To top