Луѓето се делат на две групи: на оние што ја гледаат чашата како до половина полна и оние за кои таа е полупразна. Децата се луѓе во создавање, па затоа и тие често се склони кон песимистичен поглед на светот. Кога во морето од успеси ги гледаме само ситните сопки, грешки и сомнежи, тоа нѐ прави незадоволни и ни го расипува сето она што сме го постигнале, а што за објективното око изгледа сосема доволно.
Како на децата да им го отвориме патот кон попозитивен поглед на светот? Не сакаме во сѐ да наоѓаат мана, туку да бидат задоволни од постигнатото и на грешките да гледаат како на мотив да бидат подобри. Дали ние како родители, учители или тренери влијаеме врз нивниот поглед на светот? Сосема сигурно – да. Сите ние носиме одредени фрустрации во својот „невидлив куфер“, кои ни го диктираат однесувањето. Ние сме моделот според кој децата учат како да го набљудуваат светот.
Собравме неколку совети што можат да помогнат во претворањето на песимизмот во оптимизам бидејќи на нашите деца токму тоа им е потребно за стабилно растење.
Сѐ почнува и завршува со нашиот поглед на светот
За да го смениме светот околу нас, мора да почнеме од себе и од сопствените „скршени парчиња на душата“. Ако имаме навика на секој предизвик да гледаме со критика и негодување, прво мора да го поправиме тој образец. Мора да престанеме да приговараме и да се жалиме за ситници. Понекогаш треба да се „гризнеме за јазик“ и да ја победиме потребата за постојано жалење.
Позитивниот збор железни врати отвора
Начинот на кој разговараме со децата влијае врз нив во огромна мера. Ако сакаме децата да ни бидат насмеани, клучна е нашата комуникација. Пофалбите и охрабрувањата се како крилја во животот, додека постојаните критики ја убиваат волјата и му создаваат на детето чувство дека ништо не може да направи како што треба. Тоа не значи дека треба да го игнорираме негативното, туку да го искористиме како поттик за нова лекција и подобрување.
Намалете ги очекувањата
Нормално е да имаме големи очекувања од своите деца, но пожелно е понекогаш да ги задржиме за себе. Сакаме нашите деца да бидат најдобри во сѐ, од училиште до спорт, но кога постојано ги притискаме со нашето темпо, ризикуваме тие да „прегорат“. Треба да се стремиме кон успеси според нивната брзина и нивните желби.
Пет позитивни работи во денот
Во текот на денот одвојте време за опуштен разговор со децата. Разговарајте за тоа како им поминал денот и споделете пет работи што позитивно ви влијаеле. Тоа можете да го правите на пат до училиште, во продавница или во парк. Овој процес полека ќе му стане навика на целото семејство и ќе постави „позитивен филтер“ на вашите животни очила.
Позитивни дејства, а не санкции
Иако убавиот збор е важен, никогаш не заборавајте ја моќта на прегратката. Самите знаете колку прегратката може да смири, да ја избрка тагата и да го опушти телото.
И за крај… Овие совети ве водат на патот од полупразна до полуполна чаша, односно кон посветлата страна на животот. Применувајте ги и бидете упорни бидејќи во тоа е клучот на успешното воспитување.