Здравје

Силвана Николовска, јога-инструктор: „Вежбите ни помагаат да не реагираме на секојдневниот хаос со нервоза“

Силвана Николовска, јога-инструктор со 15-годишно искуство од Битола, ни објаснува како преку лесни вежби и едноставни техники на дишење стануваме вистински присутни во моментот.

Кога зборуваме за свесно присуство во контекст на мајчинството, како јогата помага да го насочиме вниманието од когнитивниот хаос на идните обврски кон свесното присуство во моментот?

– Најважното нешто што можеме да го направиме за себе и за своето семејство е добро да се организираме. Ние, мајките, не можеме секогаш да бидеме присутни во моментот затоа што мислиме и на иднината: планираме оброци, прегледи и логистика. Токму тука ни помага јогата затоа што ни овозможува да го исклучиме тој когнитивен хаос.

Преку едноставни физички положби учиме како целото внимание да го насочиме кон она што го чувствуваме и како дишеме. Ова е важно затоа што кога ќе се соочиме со хаосот дома, веќе не реагираме со нервоза, туку умееме смирено да ги завршуваме задачите една по една.

Многу мајки чувствуваат вина кога одвојуваат време за себе. Можеме ли преку јогата да научиме дека времето за себе е инвестиција во нашето трпение и капацитет за љубов?

– Вината е чувство со кое речиси секоја мајка се соочува кога ќе реши да направи нешто за себе. Но, постои една многу важна лекција – не можеме да дадеме нешто што го немаме во себе. Ако ние не сме среќни, задоволни и полни со разбирање и сочувство, како би можеле тоа да му го дадеме на своето семејство?

Кои јога положби им помагаат на мајките да се опуштат на крајот од денот?

– Јас најчесто го завршувам денот со едноставна торзија: само свиткајте ги нозете во колената со стапалата на подот и спуштете ги на едната, па на другата страна. Тоа мало ‘крцкање’ што често се слуша е можеби најпријатниот звук, чувствуваме како секој пршлен се ослободува од тежината на денот. Или, може да ги поставите и нозете на ѕид, што е многу пријатна положба, особено за мајките кои цел ден биле во движење. Оваа положба го смирува срцевиот ритам и го активира парасимпатичкиот нервен систем, кој е одговорен за одморот. Некогаш и само едно големо истегнување е доволно. Слушајте го вашето тело, тоа самото ќе ви каже што му е потребно.

Силвана Николовска

Постои ли едноставна вежба со која мајката може да го врати својот внатрешен мир во моментите кога чувствува дека хаосот во домот почнува да ја обзема?

– Постои една многу едноставна техника: вдишете низ носот околу три до четири секунди, а потоа издишете полека во траење од шест до осум секунди. Кога издишувањето е двојно подолго од вдишувањето, го принудуваме телото да се смири. Убавината на оваа вежба е што не ви треба посебна просторија, ниту тишина. Можете да ја правите додека миете садови, додека ги собирате играчките или додека децата се гласни. Доволна е само една минута за да ја прекинете верижната реакција на нервозата. Тоа е оној краток момент на пауза во кој одлучуваме дека нема да реагираме со викање, туку ќе одговориме смирено.

За мајките што се скептични или преморени – кој е првиот, најмал чекор што можат да го направат денес за да почнат да ја градат таа навика на свесно присуство?

– Најмалиот и наједноставен чекор што можете да го направите уште денес е само да застанете. Направете само неколку свесни вдишувања.

Кога ќе видите како тоа влијае и како ви го менува денот, природно ќе посакате тие секунди да ги претворите во две, па во пет минути. Секако, сето тоа оди по приоритети. Кога ќе забележите дека сепак можете добро да се организирате, ќе најдете и повеќе време за себе. Кога правиме нешто што ни е забавно, кога чувствуваме задоволство и кога се грижиме за сопственото здравје и добросостојба, тогаш сè станува полесно. Само така ќе бидеме вистински присутни.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top