Европската комисија најави апликација што ќе им овозможи на малолетниците да бараат помош и да складираат докази за вознемирување, како дел од акциониот план против сајбер-малтретирање. Европската комисија усвои акционен план против онлајн насилство, кој има цел да го заштити менталното здравје на децата и тинејџерите на интернет во рамките на ЕУ.
Акцискиот план се базира на: воведување апликација на ниво на цела ЕУ каде што жртвите на онлајн насилство можат лесно да добијат помош, координирање на националните пристапи за борба против штетното однесување на интернет и спречување на онлајн насилството преку промовирање подобри и побезбедни дигитални практики.
-Децата и младите имаат право да бидат безбедни на интернет. Сајбер-малтретирањето го поткопува ова право, оставајќи ги повредени, осамени и понижени, и ниедно дете не треба да биде принудено да се чувствува така – вели Хена Виркунен, извршен потпретседател за технолошки суверенитет.
Комисијата нагласува дека жртвите на онлајн насилство мора да имаат јасен и лесен начин да пријават вознемирување и да добијат помош. Токму ова е целта на апликацијата, која ќе им овозможи на децата и тинејџерите да добијат поддршка и безбедно да складираат и да испраќаат докази.
Комисијата објави дека ќе развие прототип апликација што земјите членки потоа би можеле да ја адаптираат и преведат на своите јазици и да се поврзат со релевантните национални служби. Комисијата очекува земјите членки да изготват сеопфатни национални планови и да се договорат за заедничко разбирање на сајбер-малтретирањето, со цел собирање и споредување на податоци. Комисијата ќе спроведе акционен план за борба против сајбер-малтретирањето заедно со земјите членки, индустријата, граѓанското општество и меѓународните организации.

Извршното тело вели дека работи на пилот-проект за решение за проверка на возраста на ниво на цела ЕУ кое би гарантирало приватност. Според процените на Комисијата, едно од шест деца на возраст од 11 до 15 години пријавува дека било жртва на сајбер-малтретирање, а околу едно од осум признава дека извршило сајбер-малтретирање врз други. Според анкетата на „Евробарометар“ објавена во 2025 година, повеќе од 90 % од Европејците велат дека јавните власти итно треба да преземат мерки за заштита на децата на интернет во однос на негативното влијание на социјалните медиуми врз нивното ментално здравје.