Uncategorized

10 години била преговарач во кризни ситуации и споделува 3 тактики за родителите

Звучи смешно, нели? Преговарање во кризни ситуации и родителство, каква споредба. Преговарачот во кризни ситуации работи во доста стресни услови, во ситуации каде што никој не сака да биде, кога е доволно да каже еден погрешен збор и сè да се распадне. Тој мора да остане смирен, да не ја изгуби контролата врз себе и своите емоции, иако би претпочитал да го реши тоа кратко и јасно и да им го „даде“ на сите она што го заслужуваат.

Веќе не звучи толку смешно, нели? Може да се каже дека постои некоја поврзаност. Ники Перфект ги искусила и двете и вели дека има сличности. Таа поминала повеќе од 30 години работејќи како полицаец, од кои 10 години била меѓународен преговарач за кризи, вклучително и ситуации со заложници, во елитната единица на Њу скотланд јард.

Понекогаш, вели таа, може да биде многу опасно да се одлучи што да се каже како родител, бидејќи знаете дека вашата одлука и она што го правите можат да направат разлика помеѓу одржувањето на мирот и целосен распад или кавга во домот. Таа ги споделила своите искуства во поткастот „Парентинг даунлоуд“. Еве три тактики што ги избира како совет за родителите:

Дајте им „избор без избор“

Децата редовно ги поместуваат границите и честопати сакаат да го прават спротивното од она што се бара од нив. Во овие ситуации, наместо да го наметнувате вашиот авторитет и да ја користите фразата „затоа што јас така реков“, обидете се со трикот „без избор“, вели Перфект. Ова значи дека ќе ја преформулирате ситуацијата во наметнување на еден избор, но на начин што сепак ќе му даде на вашето дете чувство на контрола. Затоа, прашајте го дали сака да го облече палтото внатре во домот или кога ќе излезе – на тој начин ќе се чувствува сослушано, почитувано и вклучено во одлуките, а исходот е ист.

Чекање 90 секунди пред да одговорите

Кога станува збор за чувствителни теми, Ники советува да го одложувате вашиот одговор 90 секунди за да спречите емоционална реакција. Како што еднаш ѝ рекол еден агент на ФБИ: „Твојата работа во животот не е да ги менуваш луѓето… не можеш… единствениот избор што го имаш е како ќе реагираш.“ Важно е да се запомни дека овој избор постои дури и кога емоциите ја надминуваат логичката страна на нашиот мозок.

-Реакцијата може да биде само: „Знаете што? Станувам доста емотивна во моментов. Треба да си одам и да размислам за ова.“ Или едноставно не кажувате ништо и слушате што имаат да кажат – вели Ники.

Согледајте ја нивната перспектива

Гледањето на светот од перспектива на другата личност, без разлика дали е голема или мала, е клучно, вели Перфект. На тој начин можете да ѝ ги презентирате придобивките од исходот на другата личност, а истовремено да ја натерате да се чувствува како да е слушната.

-Тоа се нарекува „моќ“ на преговарањето бидејќи ако им дадете на луѓето причини зошто нешто треба или не треба да се случи, тие се посклони да го прифатат тоа. Станува збор за препознавање и за тоа да бидете навистина искрени со луѓето. Луѓето се многу поприемчиви за вашата искреност отколку што мислите дека ќе бидат – вели Перфект.

Таа го наведува вообичаениот проблем со напади на бес пред спиење како пример. Децата често се расправаат затоа што не сакаат да ја изгубат својата автономија и мислат дека тоа се случува кога ќе им се каже дека е време за спиење. Решението, според Перфект, е да се земе предвид како се чувствува детето во моментот наместо да се гледа на проблемот како возрасен. Ако ужива во игра, а потоа одеднаш му кажеме дека е време за спиење, тоа може да биде шок и да го вознемири детето. Решението е да го подготвиме детето штом ќе се врати дома, со природно вклучување на времето за спиење во разговорот и редовно повторување во текот на вечерта. Нешто од типот „ќе вечераме, потоа ќе гледаме телевизија, а потоа е време за спиење“. Детето потоа се чувствува вклучено и посвесно за тоа што следува, дури и ако не му се допаѓа – што, со надеж, ќе значи помалку напади на бес.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top