Кој од денешните родители нема фотографија од себеси со Дедо Мраз, од која највпечатливиот дел е избезумено лице, можеби полно со солзи или додека вреска? Имало и такви што не се плашеле од непознатиот човек облечен во необична, црвена облека на чие колено ги седнале. Но, најчесто стравот бил темата на овие фотографии.
Сепак, таквото нешто беше традиција во минатото. Детето мораше да се стави во прегратката на Дедо Мраз за моментот да биде овековечен. И за да можеме да се смееме на тоа години подоцна. Точно, со текот на времето тоа добива доза на сатира, но сè на сè – ние веќе не им правиме такви работи на децата затоа што знаеме дека не е баш добро за нив.
Денес многу работи се променија, па со помош на експерти правиме различни, помудри избори. Можеби ова треба да биде едно од нештата што ги менуваме?
Експертите се согласуваат. Еве што велат тие за тоа:
Вклучете го вашето дете во планирањето на празничните денови
Детскиот и адолесцентен психијатар Моника Рутс нагласува дека почитувањето на автономијата и границите на нашите деца треба да биде врвен приоритет за родителите во секое време – дури и кога станува збор за тоа дали детето сака да се фотографира со Дедо Мраз или не. Затоа е важно да го вклучите детето во плановите. Можете да му кажете на детето: „Ајде да одиме да го запознаеме Дедо Мраз. Помошникот на Дедо Мраз е таму, ајде да се поздравиме и можеме да се фотографираме, или може да се поздравиш или да кажеш што сакаш од Дедо Мраз. Ќе бидам таму со тебе. И ако не се чувствуваш удобно, сакам да ми кажеш.“ Ова е разговор што обично не го водиме со децата, но треба. Имајте предвид дека искуството на детето нема да биде исто како вашето. Ако родителот ја доживеал забавната страна на Божиќ и сите активности поврзани со него како дете, нормално е да сака да го сподели тоа со своето дете. Исто така, ако родителот има траума или негативно искуство, тој ќе сака да го заштити своето дете и од тоа.
Но, д-р Рутс истакнува дека само затоа што сме уживале или не сме уживале во некоја активност или традиција додека сме растеле, не значи дека нашите деца ќе се чувствуваат исто. Треба да им дозволиме на нашите деца да кажат дали сакаат фотографија со Дедо Мраз.
Што ако вашето дете плаче или одбие да седне со Дедо Мраз?
Ако сте ја направиле подготвителната работа со вашето дете, тоа се согласи да го види Дедо Мраз и да се фотографира со него, а потоа се премисли, треба да го земете предвид токму тоа. Д-р Рутс препорачува да размислувате за сè од перспектива на вашето дете: сензорно преоптоварување од бучавата и силните светла, чуден човек со брада кој чудно се насмевнува и родители кои ќе бидат разочарани или ако детето не соработува. Доволно за преоптоварување.

Кажете му на вашето дете дека можете да видите оти се чувствува исплашено или вознемирено, а потоа дозволете му да избере што сака да прави – да си замине или да остане и да се обиде да ужива.
Можеби вашето дете се смирило и одлучило да се обиде, можеби инсистира да не го прави тоа – двете опции се во ред.
Дали треба да објавувате или да покажувате фотографии од вашето дете како плаче? Да, оние познати слики што повеќето од нас ги имаат. Ги обожаваме, но… Да го кажеме тоа вака: објавувањето фотографии од деца генерално не е препорачливо, а оваа не е исклучок. Но, д-р Рутс е малку поотворена и вели едно категорично НЕ.
-Едно од нештата што мислам дека понекогаш ги забораваме како родители е дека нашите деца се луѓе кои ќе пораснат. Дали би сакале некој да објави слика од вас како плачете онлајн? – прашува таа.
Дали е време да заборавиме на фотографирање со Дедо Мраз?
Ова треба да биде избор. И не, не е забавно да гледате дете како плаче во скутот на непознат човек, а да не му подадете рака за помош. Ниту една ситуација не е добра, а оваа не е исклучок, без оглед на Дедо Мраз и божиќниот дух. Ако детето плаче, веројатно е исплашено, и не, тоа не е забавно за него, а смеењето на тешката состојба на детето е дури и малку злобно. Сè на сè – секако е важно да се каже сè однапред и да се подготви детето, сосема е во ред да се обидете, а ако не успеете – важно е да се опуштите и да се откажете. Важно е да го слушате детето. И да, тие фотографии од нас со Дедо Мраз што ги чуваме и им се смееме денес… Всушност, на некој начин нè прават да се чувствуваме непријатно, нели?
Автор: Наташа Крстичевиќ