Иако интеракцијата со бебе често изгледа како еднонасочна улица, нашите напори и бескрајните часови пеење, играње и разговор се чини дека обликуваат клучен дел од нивното рано учење. Всушност, во нивните мали глави се случува многу повеќе отколку што сме свесни.
Бебињата најмногу учат во првата година од животот
-Бебињата имаат неверојатна способност да учат. Еден од најважните напредоци во развојот на децата беше откритието дека бебињата почнуваат да учат дури и пред да се родат. До првиот роденден мозокот на бебето се дуплира како директна последица на милијардите врски меѓу мозочните клетки. Затоа е важно да се воведе богат спектар на сензорни искуства во секоја можна пригода – вели психологот Лин Деј.
Брборење
Можеби изгледа очигледно, но зборувајте многу и разговарајте со вашето дете.
-Бебињата можат да се поврзат со вашиот глас и ова може да го поттикне развојот на говорот и јазикот подоцна. Читајте му на вашето бебе од истата причина. Родителите треба да се фокусираат и на социјалниот и емоционалниот развој на оваа возраст, затоа често прегрнувајте го, држете го и играјте со вашето бебе – вели Моника Валрани, воспитувачка во градинка.
Истражување, истражување, истражување
-Бебињата сакаат активности што им даваат можност за истражување, решавање проблеми и откривање. Добри примери се кутии со капаци што бебињата можат да ги отвораат и затвораат, коцки во боја што можат да се редат или пластични чаши – вели психологот Деј.
Играчки со текстури
-Треба да наполниме кеси со лепливи супстанции што децата сакаат да ги стискаат – вели Сузан Робертс, воспитувачка во градинка.
Ова му помага на бебето да го развие чувството за допир.
Лежење на стомак
-Бебињата треба да лежат на стомак во текот на денот за да ги совладаат основните шеми на движење – кревање на главата, лазење – што ги стимулира обете страни на мозокот и ја поставува основата за читање и пишување – вели психологот Деј.
Пејте песни
-Музиката може да дејствува како стимул за побрзо „поврзување“ на мозокот и забрзување на менталниот развој на детето – вели терапевтот Каролина Крабе.
Читајте знаци
Знаковниот јазик може да се научи помеѓу петтиот и шестиот месец од животот, а тој дава фантастичен увид во светот на вашето малечко пред да почне да зборува.
-Бебешкиот знаковен јазик има едноставни гестови или знаци во комбинација со говор, така што децата можат да кажат што им треба или што сакаат пред да можат да користат вистински зборови – објаснува Кејти Меклин, психолог.
Гледање во огледало
-Бебињата сакаат да гледаат лица, посебно своите убави лица. Ова е така затоа што се во раните фази на реакција на движењата и изразите на лицето, што е поврзано со нивниот личен, социјален и емоционален развој. Секогаш треба да имате огледала на ниво на лицето на бебето, за да има можност да се види себеси – објаснува воспитувачката Робертс.
Масажа
Редовното масирање помага да се смири бебето во процесот на поврзување, но исто така го поттикнува развојот на неговиот мозок на многу начини. Секоја сензорна стимулација помага да се забрза миелинизацијата на мозокот и нервниот систем.
-Миелинската обвивка е заштитна обвивка околу нервите на бебето. Кога нервот е целосно изолиран, го забрзува преносот на импулсите од мозокот до остатокот од телото. Бидејќи бебињата не се раѓаат со целосно покриени нерви, секоја стимулација на кожата на бебиња помага во тој процес. Во основа, ја подобрува комуникацијата помеѓу мозокот и телото на детето – вели педијатарот д-р Шерил Мекдоналд.

Експериментирајте со движења
-Динамичките песни и рими се одлична забава за оваа возраст – вели воспитувачката Робертс.
Вашето бебе ќе научи да плеска со рацете помеѓу шест и осум месеци, што ќе му овозможи да учествува во многу песни.
Никогаш не е прерано за математика
-Постојат многу можности да се запознаат бебињата со звуците на броевите од рана возраст – вели психологот Деј.
Давањето можност на децата да ја доживеат математиката преку игра помага да се изгради нивниот интерес за целото идно учење.
Неуредна игра
-Креативноста е неуредна на оваа возраст, но сето тоа е дел од забавата. Нашите деца од градинка сакаат да ги валкаат рацете во шарени шпагети и желе како дел од безбедна, неуредна, но забавна и креативна активност -вели воспитувачката Робертс.
Усовршување на стисокот
Развојот на фините моторни вештини започнува со стисокот со клешта, кој се јавува помеѓу 9. и 12. месец од животот. Потоа детето е во состојба да зграпчува помали предмети што не се зграпчуваат со целата дланка, туку со показалецот и палецот. Тоа е почеток на низа активности што развиваат фини моторни вештини, кои го достигнуваат својот максимум со графомоториката, односно способноста за пишување. На оваа возраст бебињата ги сакаат активностите што поттикнуваат употреба на стисок со клешта.
Играње со инструменти
-Инвестирајте во перкусии или направете свои – свирки, ѕвончиња и дајриња се достапни во сите локални продавници за играчки – вели терапевтот Крабе.
Во секој случај, секогаш можете да импровизирате.