Во денешниот свет алергиите се речиси неизбежни – тие влијаат врз повеќе од 3 милијарди луѓе, или речиси 40 % од светската популација. На пример, според некои статистики, повеќе од половина од децата во Соединетите Американски Држави имаат барем една дијагноза за алергија. Астмата, на пример, влијае врз околу 300 милиони луѓе низ светот.
Но, постои една група деца што целосно се издвојува – децата Амиши. Меѓу нив, само 7 % имаат алергии, а само 1 до 2 % имаат астма, во споредба со просечниот американски процент од 8 до 10 проценти.
Која е нивната тајна?
Научниците се обидоа да ја откријат оваа тајна во нивните амбари. Амишите, како што многумина знаат барем од филмовите, се заедница позната по својот едноставен, традиционален живот. Тие живеат од земјоделство, не користат модерна технологија и живеат во близок контакт со природата. Научниците решија да ги споредат децата Амиши со друга слична заедница – Хутеритите. И двете групи имаат слични гени и начин на живот, но додека Амишите речиси и да немаат алергии, Хутеритите имаат многу поголема стапка.
Која е разликата?
-Кај Хутеритите децата и бремените жени не одат во шталите. Амишите се постојано околу кравите уште од мали нозе – објаснила генетичарката Керол Обер од Универзитетот во Чикаго.
Дали одговорот може да биде во прашината?
Научниците зеле примероци од прашина од домовите на двете заедници. Се покажа дека прашината од домаќинствата на Амишите содржела дури седум пати повеќе микроби. Потоа спровеле тест на глувци – оние што ја вдишале „амишката“ прашина покажале значително помалку воспаленија на дишните патишта кога биле изложени на алергени, додека „хутеритската“ прашина немала ист ефект. Единствениот заклучок до кој можеле да дојдат научниците е дека редовното и рано изложување на микроорганизми од шталите влијае врз имунитетот на детето, така што тоа подоцна не реагира претерано на полен, храна и други алергени. Овој феномен бил наречен „ефект на фарма“.

Во една студија од 2023 година научниците идентификуваа и специфични протеини во прашината – тие дејствуваат како „транспортери“ кои носат корисни микроби и растителни молекули во дишните патишта и го регулираат имунолошкиот одговор.
-Овие индиции за потеклото на „ефектот на фармата“ нè насочуваат кон превенција на алергии – вели д-р Кирси Јарвинен-Сепо, експерт за алергии кај децата.
Денес, алергиите најчесто ги третираме откако веќе ќе се појават – со антихистаминици, инхалатори и диети. Но, долго време се претпоставува дека решението лежи во превенцијата, и таму каде што најмалку го очекуваме – во прашливи штали полни со крави и микроби.
Автор: Наташа Крстичевиќ