Седум од десет наставници веруваат дека родителите не се доволно вклучени во образованието на нивните деца, покажува најновото истражување и поттикнува прашања како што е недостигот на пристап до книги.

„Ера на учењето“, образовна технологија и ресурсна компанија, спроведе онлајн-анкета во која биле вклучени над 1.000 родители (со деца на возраст од 2 до 12 години) и 1.000 наставници (од претшколско образование до шесто одделение) за подобро да го разберат читањето на децата. Она што го откриле дава нејасен поглед на младите читатели.

Според податоците, наставниците рекле дека 30 отсто од нивните ученици читаат под нивото за тоа одделение, но само 9 отсто од родителите мислат дека нивното дете е во таа категорија. Дополнително, две третини од родителите не го познаваат нивото на читање на детето, што им отежнува да обезбедат соодветни материјали за читање надвор од училиштето.

Огромно мнозинство наставници очекуваат нивните ученици да читаат најмалку 15 минути надвор од училницата, но повеќето ученици не го исполнуваат овој минимум, покажува истражувањето. Проблемот може да е поврзан со пристапот. 10 отсто од наставниците велат дека нивното училиште нема библиотека, а повеќе од половина родители велат дека имаат помалку од 50 книги од кој било вид во нивниот дом.

7 од 10 наставници велат дека цената на книгите е проблем, при што 77 отсто користеле лични средства за да купат книги за училницата. И родителите исто така ги наведоа трошоците како пречка.

Со читањето како основна вештина, ваквите прашања можат само да го намалат образованието на детето. Еден наставник кој учествувал во истражувањето вели: – Читањето е првиот чекор до образованието. Само ако детето може да чита, ќе биде успешно во другите предмети.

„Ера на учењето“ предлага неколку начини со кои родителите можат да го заобиколат прашањето за пристап до книгите: да одат во јавна библиотека, да создадат ѕид со зборови во нивните домови или да се претплатат на дигитални библиотеки со илјадници наслови.

Родителите треба да се интересираат за нивото на читање на нивното дете и да поминуваат 15 минути дневно читајќи со нивното дете (или да го наградат самостојното читање).

– Сфаќам дека напорно работите, дека сте многу уморни, но ве молам, ве молам работете со вашето дете за да ги подобрите вештините за читање. Ако вашето дете не научи да чита, цел живот ќе се бори со тоа – вели еден наставник.



912

X