Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 4 години и сѐ уште не зборува течно. Има големи изливи на бес ако нешто не му се дозволи, фрла сѐ што ќе се најде пред него, знае и да мава по мајка му или по мене. Сѐ уште не јаде цврста храна, кога ќе му дадеме поголеми парчиња ги повраќа. Многу ретко слуша кога ќе му кажеме дека одредени работи не смее да ги направи. Оди во градинка, но таму не се дружи со сите деца, туку само со одредени. Посетува едукативни часови, но нема некој поголем ефект. Ве молам за совет!
ОДГОВОР: Во оваа возраст детето бара да се изрази преку говорниот апарат, препознавајќи ги сопствените чувства. Недоволно развиениот говор го попречува неговото изразување и именување на чувствата. Тоа го прави раздразлив и агресивен. Споменавте дека посетува едукативни часови, но важно е какви часови се тоа.

За да се подобри оваа состојба, потребно е да посетува логопедски часови и третман. Јадењето течна храна го забавува развојот на говорот и соодветното движење на мускулите во устата. Освен логопедските часови, потребно е и во рамките на домашните активности да ја активирате таа моторика. На пример, да пие вода со цевче, да дува балони, да имитира звуци на животни како на коњот, жабата итн.
Говорот на кој му се обраќате да биде чист, без скратување на зборовите и да биде опкружен исклучиво со мајчин јазик.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912