Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Со сопругата имаме 11-годишно девојче. Сите услови се задоволени, облека, храна, мобилен и сѐ што треба, единствено дете ни е. Јас работам во странство неколку години со неколку месеци одмор во годината во Македонија. Сопругата е со неа во поголемиот дел од годината. Последниве 6 месеци почна со агресивни однесувања, не дозволува да се мијат чинии, не ѝ дозволува на сопругата да чисти, да јаде, да пие кафе, да оди во тоалет и многу други чудни работи. Собата ѝ е веќе два месеца комплетно растурена и сите алишта се расфрлани буквално насекаде. Агресивна е максимално со мајката, ја навредува и ѝ ги сече алиштата, а по некое време ја гушка и спие со неа. Седи навечер до 4 сабајле и потоа не може да се освести за во школо, па сѐ повеќе отсуствува. Помош побаравме неколку пати од детски психијатри и психолози, но без нејзино присуство бидејќи одбива да дојде. Сите велат дека е пубертет заедно со некаква фрустрација од нешто. Надвор е друштвена, прибрана, весела а дома е хаос. Сопругата е веќе очајна и тешко се справува.
ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост. Агресивното однесување на девојчето се појавува од пред шест месеци, што значи агресијата не била отсекогаш карактеристична за неа. Начинот на кој го манифестира однесувањето и чувствата земајќи предвид дека тоа е карактеристично само за домот и насочено особено кон мајката, укажува за неразрешена психо-емотивна состојба кај детето, чие адресирање не би можело да се случи само преку овој исказ.
Високиот емоционален набој бара канал на празнење кое детето го регулира на несоодветен и некритичен начин. Верувам дека има начин како да се доближите до неа и да ѝ понудите стручна помош. Сепак, советувам да не се откажувате и да продолжите со родителско советување со детски психијатар и психотерапевт.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912