Секоја мајка што била сама дома со своето новороденче го знае овој проблем. Има мирни бебиња кои не бараат премногу, а има и такви што се далеку понапорни, па постојано бараат внимание. Иако знаеме дека ни треба и пауза, честопати си вршиме посебен притисок. А социјалните мрежи не помагаат во таа област…
Покрај потребата постојано да имате совршен стан, без разлика што имате мало бебе, а рацете ви се полни со работа, постојано гледате како „сите други мајки“ ги забавуваат своите бебиња, со разни интерактивни играчки, разни предмети и игри кои развиваат интелигенција и креативност…
И така детето лежи во своето креветче, се забавува со закачени играчки, а потоа доаѓа мајката и го префрла на друго ќебенце, каде што самата ќе може да го забавува и ќе му претстави нови предизвици. Многу мајки ќе помислат дека на детето кое повеќето денови е дома мора да му е досадно и дека мајката мора да се вклучи и дополнително да го анимира детето, а притоа и интелектуално да го стимулира бидејќи ако не почне навреме, тоа ќе има последици врз неговиот развој.
Една мајка објавила видео на „Тик-ток“ со едноставен совет за мајките кои размислуваат вака и сакаат постојано да го анимираат своето бебе. Дилејни Реј вели дека еден од најдобрите родителски совети што некогаш ѝ биле дадени е оној што сега сака да го пренесе:
– Не обидувајте се среќното бебе да го направите посреќно. Па кој би се обидувал дополнително да го развесели веќе среќното бебе?! Но, одговорот е – речиси секоја мајка која е под притисок на совршенството.
И иако Дилејни зборува за малку постари деца, тоа всушност важи за сите деца, вклучувајќи ги и новороденчињата.
-Ако размислите за тоа, ние постојано ја прекинуваме играта на нашите деца. Иако изгледа навистина бесмислено кога го читаме ова, сигурно е дека сите сме го направиле тоа барем еднаш. Но, ако им дозволиме, децата учат да играат самостојно. И мислам дека тоа е една од причините зошто моето дете е толку добро во независна игра… затоа што не ја прекинувам – објаснила мајката, додавајќи дека тоа е всушност монтесориски стил на родителство, кога ги оставаме децата слободно да си играат, додека ние вршиме други работи.
За многу мајки, ова ќе биде лек за рана. Или можеби едноставно една потврда дека не мора да бидат постојано активни кога се дома со мали деца.
@hercuriosities only downside is she is for sure covered in dog hair now #babyplay #toddlerplay #montessori #fyp #momadvice ♬ original sound – Delaney Rae
А ова се и коментарите под видеото.
„Понекогаш моето дете си игра самостојно по 30 минути, а јас се борам со вината што сум го запоставила“, гласи еден коментар.
„Пред некој ден, моето петмесечно дете помина добри десет минути гребејќи ја надворешноста на мрежата од кутијата со играчки. Си помислив: „Дали да го прекинам или…?“ Но, тоа изгледаше како нешто МНОГУ важно за моето дете“, рекла друга мајка.
Значи, мајки, ова е советот што треба да го прифатите: само оставете ги децата да си го прават своето. Звучи многу едноставно, но за многу мајки денес – не е.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912