Многу често сме полни со сочувство за другите, но одбиваме да го понудиме истото сочувство за себе. Тоа можеби најдобро се гледа во примерот на новопечените родители, особено мајките, кои би оправдале некоја друга жена за фактот дека нејзината куќа, на пример, е неуредна, но ќе се обвинат себеси за истото.

Како што пишува клиничкиот социјален работник Ерин Лејба, секогаш кога ќе бидете фрустрирани, лути, тажни или отуѓени, постои можност да се однесувате кон себе со добрина и сочувство наместо со осудување.

Во продолжение прочитајте ситуации во кои родителите често се строги кон себе и во кои се обвинуваат, а не треба.

Се чувствуваат осамени

Многу родители се чувствуваат фрустрирани поради драстичната промена што се случува во нивниот однос со партнерот по раѓањето на детето. Врската драстично се менува поради стресот од грижата за бебето, а околу 67 отсто од паровите се чувствуваат помалку задоволни од врската во првата година од животот на бебето, додека кај некои влошувањето продолжува и неколку години подоцна.

Пријателствата, исто така, поминуваат низ предизвици, па дури 25 отсто од мајките изјавиле дека се чувствуваат осамени, изолирани, отсечени од пријателите. Лејба советува секоја тешкотија во врската да не ја сфаќате лично, туку да се потсетите дека предизвиците се составен дел од оваа сложена фаза од животот.

Се споредуваат со другите

Луѓето едноставно сакаат да се споредуваат со другите, а тоа може да биде поизразено со новите родители отколку со другите. Ќерката на сосетката чита од три години, нејзината пријателка секогаш има уредна куќа, а Марко и Јелена повторно уживаат на луксузна дестинација. Потсетете се дека никогаш навистина не ја гледате целата ситуација и дека она што го мислите за другите често е илузија.

Мислат дека се осудени

Според истражување од 2016 година, огромното мнозинство родители, 90 проценти од мајките и 85 проценти од татковците – изјавиле дека чувствуваат осудување од другите, без разлика дали осудувањата се од партнери, пријатели, познајници, лекари, наставници, странци на улица, па дури и од сопствените родители.

Точно е, луѓето секогаш коментираат што му даваат родителите на детето да јаде, како се однесува малото, дали почнало во градинка или не, дали е соодветно облечено за надвор… Нормално е понекогаш да се нервирате затоа што луѓето коментираат и оценуваат сè што правите, но обидете се да бидете што е можно понежни со себе во тие ситуации.

Децата не се однесуваат убаво

Истражувањата покажале дека само 44 до 46 отсто од родителите мислат дека „добро постапуваат“ кога се во прашање нивните деца. Во овој поглед, во ситуации кога малечките не се однесуваат убаво, мајките и татковците најмногу се обвинуваат себеси.

Сепак, кога вашето дете не се однесува онака како што сакате, потсетете се дека тоа не значи оти сте лош родител – задача на детето е да тестира колку далеку може да оди, а работа на родителите е да постават здрави граници.

Се соочуваат со големи промени

Многу родители се чувствуваат донекаде изолирани, вознемирени откако ќе добијат дете. Родителството со себе носи големи промени во идентитетот, животните навики, губење на некои хобија, патувања и слободно време. Дајте си време да се помирите со новите околности, а во меѓувреме прошетајте, разговарајте со пријателите, водете дневник, сè што ќе ви помогне да се чувствувате подобро.

Исцрпени се

Родителите често се исцрпени поради недостиг на време за спиење и одмор, а од друга страна, им треба повеќе енергија и смиреност за добро да се грижат за своето дете. Едно истражување покажало дека мајките имаат просечно 17 минути за да бидат сами на дневна основа, а способноста да управувате со вашите емоции е под влијание на недостигот на сон.

Не обвинувајте се себеси што сте уморни и не сте завршиле повеќе обврски. Направете што можете и гледајте да си ги поедноставите деновите, барем во првите месеци од родителството.

Прават грешки

Откако ќе се збркате – и сите понекогаш се мешаат и прават грешки – имате два избора, или да си простите или да се задушите со вина. Сепак, многу е подобро да бидете нежни со себе, можеби да се смеете на некои ваши грешки и да си го покажете истото сочувство што би го покажале на некој друг.

Се борат со чувствата

Дали некогаш сте се чувствувале лошо поради тоа што се чувствувате лошо? Родителите често се јадат себеси со чувство на вина кога се чувствуваат лошо и се обвинуваат себеси дека конечно треба да се вратат „на старо“. Кога сте нерасположени, исплашени, тажни, лути, обидете се љубопитно да ја истражите причината за тие чувства наместо да се обвинувате себеси.

Поради интензивните емоции што родителите ги чувствуваат речиси постојано, токму оваа улога како родител е одлична можност да вежбате покажување сочувство кон себе. На крајот на краиштата, имајте на ум дека децата гледаат на вас, па и тие ќе научат да бидат нежни со себе, следејќи го вашиот пример.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X