Училиште во предградие на Сиднеј ја победи конкуренцијата од импресивните облакодери, музеи и аеродроми и ја однесе титулата светска зграда за 2024 година. Јавното училиште Дарлингтон, лоцирано во предградието Чипендејл во Сиднеј, победи над 220 други дизајнерски проекти на Светскиот фестивал за архитектура во Сингапур.
Училишната зграда, која беше отворена минатата есен, има модерен дизајн и има уредени површини на отворено, како што се големо кошаркарско игралиште и заедничка градина. Отворениот простор е опкружен со заоблени делови кои овозможуваат продирање на дневната светлина и истовремено ја штитат приватноста на учениците.
– Местото каде што денес се наоѓа ова училиште долго време се користи за едукација, но старата зграда од 70-тите години повеќе не ги задоволуваше современите потреби – посочуваат архитектите од „Фјцстудио“, компанијата одговорна за проектот.
Новиот дизајн радикално го трансформира училиштето со создавање современа средина за учење додека го задржа духот на стариот кампус. Училиштето кое сега опфаќа предучилишно одделение, градинка и основно училиште, може да прими повеќе од 500 ученици, а благодарение на етапното извршување на работите, наставата продолжи без прекин во текот на изградбата.
– Ова е навистина неверојатно искуство со оглед на скромните размери на проектот. Едно мало училиште ги победи големите проекти. Вистинските победници се децата кои ќе поминуваат време овде во простор кој ќе им служи како извор на знаење многу години – вели Алесандро Роси, соработник од „Фјцстудио“.
Годинава, на 17. издание на Светскиот фестивал на архитектурата, беа доделени награди во 18 категории, меѓу кои спорт, транспорт, здравство и домување. Наградата за светска градба на годината беше избрана меѓу победниците од секоја категорија, оценувани од 175 фестивалски делегати. Меѓу финалистите беа Националната опсерваторија на Кипар, автобуска станица во Полска и соларна централа во Турција.
912