Жените, а особено мајките, треба да се грижат за себе и за своето здравје, без разлика колку е тоа тешко, дури и кога располагаат со многу малку време. Затоа, д-р Диран О’Лири, мајка и докторка од Ирска, споделила брзо потсетување на „Инстаграм“ за симптомите кои жените никогаш не треба да ги игнорираат.
Крвавење после сексуален однос или помеѓу менструации
Д-р О’Лири истакнува дека треба да се испита крвавењето помеѓу менструацијата или по сексуалниот однос. Причината за ова може да биде нешто сосема безопасно, како цервикална ектопија, или може да биде контрацепцијата, но може да биде и нешто посериозно, како сексуално пренослива болест или рак на грлото на матката.
Крвавење по менопауза
Лекарката објаснува дека понекогаш крвавењето во првите месеци по хормонската терапија во менопауза може да биде нормално.
-Тоа може да биде предизвикано од ендометријална хиперплазија (задебелување на слузницата на матката), нарушувања на крвавење или разредувачи на крв.
Сепак, посочува дека дефинитивно е симптом кој треба да го пријавите кај вашиот лекар за да се утврди што го предизвикува, бидејќи понекогаш може да биде и симптом на рак на ендометриумот.
Промени во секретите
Вагиналниот исцедок е сосема нормален дел од менструалниот циклус, но понекогаш може да биде показател дека има проблем.
Овие промени често може да бидат предизвикани од кандида, бактериска вагиноза или сексуално преносливи болести.
-Постојаниот, необјаснет исцедок понекогаш е симптом на рак на грлото на матката, па затоа треба да се испита – додава лекарката.
Надуеност
Секој од нас понекогаш има надуен стомак, а тоа може да биде поврзано со претстојната менструација, некоја храна и слично. Сепак, необјаснетата, постојана надуеност не е нешто што треба да се игнорира, а д-р О’Лири објаснува зошто:
-Подуеноста може да се поврзе со синдром на нервозно дебело црево, целијачна болест, цисти на јајчниците, фиброиди, но може да биде и симптом на тумор на јајчниците, па затоа немојте да ја игнорирате.
Ситост
Промените во апетитот или чувството на ситост по јадење мала количина храна е, исто така, еден од можните симптоми на рак на јајчниците – предупредува лекарката.
Промени во празнењето на дебелото црево
Д-р О’Лири вели дека промените во празнењата на дебелото црево, како што се запек или дијареја, се „црвено светло“ што може да укаже на рак на јајчниците. На истата болест може да укаже и промена во мокрењето, на пример, почесто мокрење, иако тоа може да биде и последица на уринарна инфекција.
Промени на вулвата
Промените на кожата на вулвата можат да бидат предизвикани од хормонални промени, како ниско ниво на естроген во перименопауза и постменопауза, вели лекарката, па причина за чешањето може да биде и кандида или генитален лишај склерозус.
-Меѓутоа, тие можат да бидат и знак за рак на вулвата, така што овие симптоми секогаш треба да се истражуваат. Не игнорирајте ги овие симптоми, но не игнорирајте ги ни сите други промени што ве загрижуваат или се необјаснети. Колку и да сте зафатени и уморни, внимавајте на вашето здравје бидејќи само кога сте здрави, можете да правите сѐ што сте наумиле – советува лекарката.
Автор: Наташа Златковиќ
912