Во последно време експертите сѐ повеќе препорачуваат нов тренд во родителството кој ја нагласува важноста од негувањето безбедна, стимулативна средина која ги задоволува емоционалните потреби на детето и го охрабрува, заедно со примена на почит и позитивна дисциплина. Трендот е именуван како „нежно родителство“ или „родителство со почит кон детето“ и за разлика од традиционалните методи на воспитување кои се потпираат на награди, стимулации и казни, овој метод се обидува да ја реши основната причина за лошото однесување, помагајќи им на децата да го развијат своето „јас“.
Трендот е присутен на социјалните мрежи веќе подолго време, а меѓу познатите поборници за овој вид воспитување се Беки Кенеди, авторка на популарниот прирачник за родителство „Добро однатре“, и Сара Оквел-Смит, авторка на серија книги за родителство. Главното упатство за родителите е дека треба да избегнуваат реакции и казни кога детето ќе направи нешто лошо и да бидат подготвени за пофалби и охрабрување кога ќе забележат добро однесување, за да го мотивираат детето да го повтори.
Идејата е родителите да го следат развојот на емоциите на своето дете и да бидат подготвени да одговорат на нив љубезно и топло. Тоа не значи дека треба да му се дозволи секој каприц: родителот мора да поставува граници, но со многу љубов, разбирање и прифаќање на емоциите што детето ги покажува. Затоа, наместо да се лутите што вашето дете плаче, ја клоца вратата или се фрла на под и вика поради тоа, кажете му дека ја разбирате неговата фрустрација и прегрнете го и бакнете го за да го утешите.
Ваквиот пристап, велат психолозите, ќе му помогне на детето подобро да ги разбере своите и туѓите емоции и да покаже емпатија и пољубезно да се однесува кон другите, бидејќи најдобро учиме во позитивно опкружување. Исто така, ќе му помогне на детето да научи да се справува со прифаќањето на неуспехот во животот.
Еве неколку главни упатства за овој тип родителство:
-Емпатија и валидација
-Нежното родителство значи признавање и потврдување на чувствата на детето, дури и на негативните. Ова му помага да се чувствува разбрано и поддржано и да се негува сигурна поврзаност.
Позитивна дисциплина
Користење техники за позитивна дисциплина кои се фокусираат на охрабрување, решавање проблеми, позитивно засилување и учење на децата за вредни животни вештини, наместо фокус на лошо однесување и казнување.
Јасни граници со избори
Нежното родителство не значи да му дозволите на вашето дете да ги има сите каприци, тоа вклучува поставување јасни и конзистентни граници, додека на децата им нудите избор соодветен на возраста во тие граници. Ова го поттикнува чувството на автономија и им помага на децата да научат да донесуваат одговорни одлуки.
Фокусирање на односот со детето
Градењето силна и позитивна врска со нашите деца е основата на нежното родителство. Оваа врска овозможува отворена комуникација, ја поттикнува довербата и обезбедува сигурен простор за децата да ги изразат своите емоции.
Што не е нежно родителство?
Постојат неколку „стапици“ во кои можете да паднете ако не го разбирате добро концептот на нежно родителство:
Нежното родителство е попустливо родителство?
Оваа форма на родителство не значи дека ќе ги оставите децата да прават што сакаат, кога сакаат. Станува збор за поставување јасни граници со емпатија и давање позитивни насоки, притоа давајќи јасни објаснувања зошто сте донеле одредени правила, за децата подобро да разберат не само што се очекува од нив, туку и зошто се очекува нешто од нив.
Не функционира кај децата со силна волја?
Напротив, нежното родителство може да биде многу ефикасно со децата кои знаат да бидат тврдоглави. Поврзувајќи се со нивните емоции и нудејќи им избор, можеме да им помогнеме да научат да ги препознаваат и да управуваат со нивните силни чувства на здрав начин.
Дали води до совршен мир и ред?
Родителството е тешко само по себе и дури и најтрпеливите и најнежните родители ќе доживеат многу моменти на фрустрација и збунетост, кога е тешко да се одржи мирот во семејната средина. Но, нежното родителство помага да се поттикне силна врска со детето што ни овозможува поефикасно да ги надминеме тие предизвикувачки моменти.
Дали е тоа единствениот добар начин за воспитување деца?
Важно е да се знае дека нежното родителство е еден од многуте други родителски стилови, од кои некои се сметаат за многу добри за децата. На пример, авторитативното родителство исто така се покажало како високо ефективно, а истражувањата покажале дека има различни придобивки за децата. Покрај тоа, неодамна се појавиле и критики за нежното родителство.
Така, аворот на една од студиите за овој вид родителство, Ени Пезала, презентирала некои прелиминарни резултати од студијата што треба да бидат објавени наскоро. Имено, Пезала и нејзината колешка Алис Дејвидсон откриле дека нежното родителство може да го земе својот данок, често оставајќи ги родителите збунети и емоционално исцрпени. Во студијата, Пезала и Дејвидсон откриле дека многу од оние што избираат нежни стилови на родителство реагираат на сопственото построго воспитување, обидувајќи се да го направат сосема спротивното од она што го правеле нивните родители. Тоа би можело да значи дека избираат тип на воспитување што е спротивен на оној што самите го доживеале, понекогаш без квалитетна процена дали тој стил е најсоодветен за нивното дете.
Примери на нежно родителство од родителската практика
Бес во продавница
Наместо да викате или да прибегнувате кон закани, спуштете се до нивото на очите на детето. Признајте ги и потврдете ги неговите чувства: „Гледам дека си навистина вознемирен/а затоа што навистина ја сакаше таа бонбона. Таа бонбона навистина изгледа вкусно“. Потоа понудете објаснување зошто бонбоните не можат да се купат и предложете алтернативни избори: „За жал, овие бонбони се полни со шеќер и штетни материи, па би било подобро да каснеме јаболка или банани.“
Ривалство помеѓу браќата и сестрите
Помогнете им на децата да научат комуникациски вештини зборувајќи за нивните чувства. И во овој случај потврдете ги и нивните емоции: „Разбирам дека си вознемирен/а што брат ти ја зел играчката“, на пример. Потоа дајте му на детето моќ: „Знам дека ти е тешко што поминувам многу време со брат ти/сестра ти, но тој/таа е мал/а и не разбира многу, па морам да се грижам за него/неа“, потоа упатете го кон креативно решавање на проблемот: „Можеш ли, те молам, да му/ѝ дозволиш да си игра со твојата играчка уште малку, за да не плаче, а јас ќе ти најдам нешто друго?“
Автор: Маријана Матковиќ
912