Употребата на белиот шум стана популарен метод на родителите за да ги заспијат бебињата, но експертите предупредуваат дека тоа може да има негативни ефекти врз развојот на детето, особено кога станува збор за развојот на јазикот. Звукот на белиот шум, кој потсетува на звукот на телевизија или радиостаница, често се користи преку уреди или апликации на телефоните. Се проценува дека околу една третина од родителите користат некаков вид врева за да им помогнат на своите бебиња да спијат. Меѓутоа, ново истражување покажува дека белиот шум може да го попречи развојот на јазичните вештини кај децата.

Д-р Ејприл Бенасич, експерт за развој на мозокот на Универзитетот „Рутгерс“, вели дека ова може да стане проблем за јавното здравје. Имено, монотоната природа на белиот шум може да го попречи „акустичното мапирање“ кај бебињата, процес кој е клучен за развојот на јазикот и говорот. Бебињата се способни да препознаат и да разликуваат ситни варијации на звуците во милисекунди уште многу рано, што им помага да формираат јазик. Нивниот мозок е неверојатно чувствителен на звуци, дури и додека спијат, бидејќи во тој период се развиваат нови невронски мрежи во мозокот. Користењето на белиот шум, кој нема варијации, може да му каже на мозокот да не обрнува внимание на звуците, што значи дека мозокот ги пропушта клучните моменти за развој на јазичните вештини.

Д-р Бенасич истакнува дека многу родители почнале да користат бел шум поради инфлуенсерите и текстовите во кои се зборува за неговите придобивки, но смета дека истражувањето на оваа тема не е доволно веродостојно. Иако некои родители велат дека нивните деца немаат проблем со развојот на јазикот по употребата на белиот шум, прашање е колку повеќе детскиот мозок морал да работи за да ја надомести штетата од монотониот звук.

Затоа, д-р Бенасич им препорачува на родителите да ги користат звукот на брановите или отчукувањата на срцето, бидејќи овие звуци помагаат за подобар развој на мозокот и јазикот кај бебињата.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X