Некогаш нашата ужина беше главно овошје или можеби млеко од тетрапак. Некогаш носевме и јаболко на училиште. Не носевме ни шишиња со вода, нели? И потоа сè се сврти. Сè. Исто така е и со ужината што децата ја носат со себе. Во одреден момент ужината стана грицки и слатки. И тогаш сфативме дека тоа е многу лошо и дека не треба да се прави. Затоа се префрливме на здрави оброци.

А потоа дојде „Инстаграм“ со слики од совршено организирани кутии за ужина, со многу различна храна, сè и сешто, па сите полудевме по тоа. Така, сега децата обично одат на училиште, каде што имаат оброци, со кутии полни со сè и сешто. И навистина е убаво, и имаат што да грицкаат цел ден…

Па, тоа е сосема погрешно, според австралиската нутриционистка Сузи Бурел. Еве што вели таа за тоа што не е во ред со таквата закуска:

Имаат премногу јаглехидрати

Ако подобро ги погледнете намирниците кои обично се наоѓаат во кутијата за ужина, најверојатно тоа ќе биде овошје, сушено овошје, но и чипс и крекери, крекери од ориз, бисквити, можеби и мал сендвич… Иако се чини како здрава варијанта, сепак, голем дел се базира на јаглехидрати. Иако на малите деца им е потребна енергија за раст и развој, не им требаат постојано јаглехидрати во текот на денот.

Навиката постојано да грицкате влијае врз апетитот

Ова е можеби најважното нешто што треба да го земете предвид кога се во прашање кутиите за ужина. Родителите често мислат дека децата се „пребирливи“ затоа што ги одбиваат нивните избалансирани, здрави оброци. Но, често поентата е во тоа што тие едноставно не се гладни, бидејќи внеле доволно калории пред ручек или вечера.

Ги учи децата постојано да јадат

На малите деца им треба многу енергија, тоа е сигурно, но постојаното јадење ги учи дека е во ред постојано да бараат храна. Нормален распоред би бил да јадете оброк, а потоа да почекате барем неколку часа пред повторно да јадете – кога ќе огладнете или ќе го сварите претходниот оброк. Меѓутоа, ако постојано нешто грицкаме, тоа може да доведе до тоа да јадеме од досада, тага или слично, а знаеме дека тоа не е добро.

Содржат премногу храна

Веќе кажавме дека знаеме оти на децата им треба доволно храна, но вистината е дека им треба помалку отколку што мислиме. И не им треба иста количина храна секој ден, на секој од нив. Кога ќе им понудат релативно голема кутија полна со примамлива, шарена храна, тоа може да значи дека на крајот јадат премногу храна, без разлика дали се гладни или не.

Детските грицки не се секогаш здрави

Има многу случаи кога ужината може да изгледа здраво, на пример, ужина со ориз или сушено овошје, но реалноста е дека понекогаш дури и грицките што изгледаат здрави можат да бидат високо обработени и да содржат само рафинирани јаглехидрати. Добра закуска за деца, особено за мали деца, ќе вклучува сечкан зеленчук, овошје и друга целосна храна, вклучувајќи мали парчиња сирење или грицки од цели зрна како мали крекери од цело зрно.

Значи, што да се стави во кутијата и како да се понуди?

Потребно е да се чека долго време по оброкот пред да се понуди нешто. Кутијата може да содржи сечкан зеленчук, овошје, целосна храна како сирење, крекери од кафеав ориз, а понекогаш може да се најде колаче или две, или некоја бонбона во кутијата. Оваа закуска треба да се ограничи на максимум 30 минути и да не се дозволи да трае цел ден.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X