Септември се ближи и многу родители веќе почнаа да купуваат училишни ранци. Многумина се двоумат кој ранец да го изберат, без да го загрозат здравјето и физичкиот развој на детето, што може да биде предизвикано од претежок ранец.
Тешкиот ранец ги оптоварува рамената, грбот и вратот на учениците. Покрај тоа, тежината на ранецот го влече детето наназад, па горниот дел од телото се наведнува напред за да се одржи рамнотежата. Кога ова се повторува секој ден, резултатите се лошо држење на телото и подгрбавен ‘рбет, болка и вкочанетост, проблеми со флексибилноста и намален опсег на движења.
Неповолното влијание на училишните ранци врз здравјето на децата првенствено се манифестира како болка во долниот дел на грбот и во целиот мускулно-скелетен систем. Негативните последици вклучуваат неправилно држење на телото, замор, исцрпеност и послаба концентрација, односно послаб училишен успех.
Поновите истражувања од американски и новозеландски автори покажаа дека тежината на полна торба треба да биде ограничена на 10 отсто од тежината на детето бидејќи тежината од 15-20 отсто ги зголемува шансите за навалување на главата напред, замор, исцрпеност и болки во грбот и тешкотии при одење и одржување рамнотежа.
Тоа значи дека ученик со тежина од 25 кг не треба да носи торба со тежина поголема од 2,5 кг.
Што е неправилно држење на телото?
Неправилно држење значи неправилен однос на мускулно-скелетните структури без анатомски промени на ‘рбетот. Товарот што влијае врз телото не се пренесува рамномерно по ‘рбетот, што доведува до зголемено оптоварување на коските, мускулите и зглобовите. Тоа е честа појава и се јавува кај 20-25 отсто од децата на училишна возраст.
Покрај тешките училишни ранци, неправилното држење на децата предизвикува и долго седење, недостиг на физичка активност и брз раст во адолесценцијата. Неправилното држење може да предизвика болки во вратот, грбот, рамената и во нозете, а исто така е поврзано со главоболки, замор и стрес. На долг рок, тоа може да доведе до сериозни мускулно-скелетни нарушувања.
Што претставува правилно држење на телото?
Правилното држење на телото во исправена положба подразбира дека (гледано од страна) ушите, рамената, колковите, колената и глуждовите се подредени. Во седечка положба, главата треба да биде подигната, а грбот да биде исправен, задржувајќи ја природната положба на ‘рбетот. Во лежечка положба, главата и вратот треба да бидат во линија со грбот.
Сè што отстапува од ова предизвикува сомнеж за неправилно држење на телото и бара лекарски преглед за да се утврди дијагнозата.
Внимателно избирање на училишниот ранец
Неправилното држење најдобро може да се коригира со зајакнување на мускулите. На децата им се препорачува да бидат физички активни најмалку 60 минути дневно. Пливање, трчање и возење велосипед се само дел од препорачаните активности. Постарите деца и адолесцентите можат да учат вежби за медицинска гимнастика и по неколку дена можат сами да вежбаат дома.
Потребно е да се избегнува долготрајно седење, особено пред компјутер или со мобилни уреди. Читањето мали букви од екранот на мобилен телефон, освен што го уништува видот, многу лошо влијае и врз цервикалниот ‘рбет. А она на што лесно можеме да влијаеме е внимателен пристап кон изборот на училишниот ранец.
Училиштен ранец на тркала или класичен ранец за рамо?
Училишниот ранец за на рамена е традиционален избор, но во последниве години училишниот ранец на тркала се појави како алтернатива која им овозможува на малите грбови конечно да се одморат од товарот на книгите и опремата.
Дали училишниот ранец на тркала ќе стане „новата нормала“ кога станува збор за училишната опрема или училишните ранци за на рамо ќе останат класика со причина, останува да видиме.
Физијатрите предупредуваат дека ранците на тркала не се најсреќното решение бидејќи повеќето деца секогаш ги влечат со иста рака, потпирајќи го телото на едната страна за да одржуваат рамнотежа. Исто така, тркалата често се оштетуваат, па на крајот децата го носат ранецот на рамо, кој поради дополнителната опрема е многу потежок од класичниот, па детето се бори со поголем товар.
Нема докази дека анатомските ранци се поздрави
Не постојат јасни научни докази за предностите на анатомските, ергономските и слични, обично поскапи ранци во споредба со обичните.
Оптималниот училиштен ранец е лесен, се носи на двете рамена и во положба што е можно повисоко во однос на столбот на ‘рбетот.
Совет е да се избере најлесната и најмала кутија за моливи, тетратки и друга опрема. Само потребните книги и додатоци треба да се носат на училиште.
912