Да се осигурите дека вашето дете јаде балансирани оброци во редовни интервали – особено за време на напорните тинејџерски години, кога едвај имате време за контакт очи в очи со него – е предизвик за секој родител. Според една нова анкета, четвртина од родителите веруваат дека нивните тинејџери консумираат кофеин дневно или речиси секој ден.
Истражувачите од Детската болница при Универзитетот во Мичиген прашале 1.095 испитаници низ целата земја колку често нивните тинејџери консумираат пијалаци со кофеин, дали мислат дека консумирањето на кофеинот е соодветно и дали се свесни за препорачаните граници за консумација на кофеин кај децата.
Со оглед на тоа што 1 од 4 родители забележал дека неговиот тинејџер редовно консумира кофеин, две третини веруваат оти знаат колку е „соодветно“, иако една третина не може точно да ги одреди предложените граници на кофеин.
-Нашиот извештај покажува дека родителите можеби не секогаш се свесни за тоа колку треба да ја ограничат консумацијата на кофеин за тинејџерите – вели д-р Сузан Вулфорд.
Според анкетата, газираниот пијалак со кофеин е најчестиот избор меѓу тинејџерите, а чајот и кафето се на второ место. Помалку од една четвртина од родителите изјавиле дека нивниот тинејџер пие енергетски пијалоци. Двајца од 5 родители на редовни консументи на кофеин велат дека нивниот тинејџер го пие затоа што спаѓа во неговите омилени производи, додека помалку од една четвртина ја припишуваат навиката на следење на врсниците. Многу малку испитаници веруваат дека нивниот тинејџер користи кофеин за да остане буден или да му помогне во фокусирањето.
-Бидејќи се чини дека родителите сугерираат оти тинејџерите консумираат кофеин повеќе за вкус отколку за стимулирачки ефект, можно е родителите да поттикнат употреба на слични опции за дегустација кои се без кофеин. Но, родителите можеби дури и не се свесни дека децата пијат неколку пијалаци со кофеин дневно и дека тоа како количина се собира на крајот од денот – вели Вулфорд.
Се чини дека повеќето испитаници веруваат оти консумирањето кофеин кај нивните тинејџери се случува за време на оброците, додека една третина од тинејџерите консумираат кофеин со своите пријатели и четвртина на училиште. Се разбира, невозможно е да се каже дали тинејџерите го пријавуваат сопствениот внес на кофеин на своите родители, а резултатите не ја земаат предвид содржината на кофеин во други производи, како што се гумите за џвакање, снек ужинките или лековите против болки без рецепт.
Колку кофеин е безбеден за вашите деца?
-Не постои докажана безбедна доза на кофеин за деца. Педијатрите советуваат да не консумираат кофеин деца под 12 години и да не користат енергетски пијалаци – сите деца и тинејџери. Тие предлагаат ограничување на кофеинот на 100 мг дневно за оние на возраст од 12 до 18 години – изјавува д-р Арунима Агарвал, овластен педијатар во Њујорк.
За потсетување, една шолја кафе има околу 100 милиграми кофеин, што е максимална препорачана дневна граница за тинејџерите.
Кои се ризиците?
-Екстремниот внес на кофеин кај децата е поврзан со зголемени отчукувања на срцето, висок крвен притисок, нарушен режим на спиење и напади на анксиозност, заедно со негативни влијанија врз развојот на мозокот, потенцијално зголемување на телесната тежина и проблеми со забите од високиот шеќер – објаснува д-р Лаура Пурди, матичен лекар.
-Одвојувањето тивко време за одмор, читање, пешачење, медитирање и отфрлање на електрониката, исто така, го надополнуваат мозокот, го зголемуваат фокусот и ја намалуваат анксиозноста – вели м-р Кимберли Блајден-Тејлор, лекар.
Постојат знаци дека вашето дете консумира премногу кофеин.
-Ако вашиот тинејџер редовно консумира кофеин и тешко спие или ако изгледа нервозно, треба внимателно да погледнете дали неговиот внес на кофеин е превисок – советува Вулфорд.
-Родителите треба да разговараат со својот тинејџер за негативното влијание на прекумерниот кофеин, а потоа да истражат опции без кофеин, што можат да ги пробаат заедно дома, на училиште или кога се надвор со пријателите. Родителите, исто така, може да го ангажираат лекарот на тинејџерот да му ги објасни ризиците од кофеинот и да предложи стратегии за намалување – заклучува Волфорд.
Автор: Ариел Шинкел
912