Помалку време на екранот значи помалку лошо однесување. Во рок од само две недели, родителите би можеле да забележат значителни подобрувања во менталното здравје и однесувањето на нивните деца, доколку почнат да поминуваат само три часа неделно пред екраните, покажува новото истражување објавено во „Јама нетворк оупен“

Децата поминуваат во просек од седум до осум часа дневно пред екраните за забава. Меѓутоа, кога децата драстично го намалуваат времето на екранот, тие покажуваат значителни подобрувања во општото однесување и емоционалната благосостојба.

Истражувачите од Универзитетот „Јужна Данска“ анализирале податоци собрани од 89 семејства со 181 дете и адолесценти на возраст меѓу 4 и 17 години.

Од половина од семејствата било побарано да го ограничат слободното време поминато пред екран на нивните деца, на не повеќе од три часа неделно, што е голема промена од просечните седум до осум часа дневно. Оние што го сториле тоа тврдат дека нивните деца подобро реагираат на емоциите и стресот и дека нивното просоцијално однесување е подобрено.

Со други зборови, намалувањето на времето поминато пред екраните им помогнало на децата подобро да ги процесираат своите емоции и да ги подобрат своите социјални интеракции.

Екраните го зголемуваат ризикот од невроразвојни нарушувања

Претходните истражувања, објавени во списанието „ЈАМА педијатрикс“, покажале дека на децата треба да им се забранува да поминуваат време пред екраните до тригодишна возраст бидејќи тоа може да доведе до доцнење во развојот. Истражувачите од Универзитетот „Дрексел“ откриле дека бебињата и малите деца кои гледаат во екрани имаат поголема веројатност да покажат атипични сетилни однесувања поврзани со невроразвојни нарушувања, како што се аутизмот и нарушувањето на вниманието/хиперактивност (АДХД).

Истражувачите, исто така, откриле дека времето кое на бебињата им е дозволено да го поминуваат пред екран и нивната возраст директно влијаат врз нивниот развој. Секој час дневно поминат пред екранот ја зголемува шансата на детето да доживее сензорни проблеми за 23% на 18 месеци, но процентот паѓа на 20% на 24 месеци. Единствен исклучок е видеоразговорот – бидејќи социјалните интеракции се корисни за развојот на детето.

Извор



912

X