Иако воспитувањето деца е прекрасно искуство, може да биде и многу напорно. Среќата на децата е најголем приоритет на многу родители, но поради нивниот брз начин на живот и многубројните обврски, можеби не секогаш можат значително да влијаат врз расположението на нивните деца.
Сепак, постојат некои практики и однесувања кои можат да ги поврзат родителите со децата. Така, воспитувачот за родители, психолог за мајки и деца Џејми Блох споделува седум позитивни работи кои секое дете ги сака од своите родители.
Еве што таа издвоила во нејзината објава на „Инстаграм“:
Бидете нивна „безбедна“ личност: „Сите деца сакаат безусловна љубов и поддршка“, вели Блох во објавата.
Покажете им дека се сакани: „Децата сакаат бакнежи, прегратки и да поминувате време заедно“, вели психологот. „Тие сакаат да им ја покажете вашата љубов“, додала таа.
Бидете нивен пример: „Вашите деца сакаат да учат за светот гледајќи ве вас. Тоа значи дека од вас ќе научат како да се однесуваат во врските и како да размислуваат за животот“, забележува Блох.
Поставете внимателни, но цврсти граници: Психологот ги советува родителите да ги научат своите деца како да ги регулираат своите емоции, но со трпение.
Прифатете ги: Децата сакаат да се чувствуваат прифатени. „Значи, прифатете ги такви какви што се, а не какви што сакате да бидат“, истакнува Блох.
Нека бидат дел од разговорот: Важно е децата да разговараат со своите родители, а не само да ги слушаат нивните решенија, наредби или лекции.
Активно слушајте ги: Најчесто на децата им е потребна средина за поддршка и родители кои ќе ги слушаат без осудување.
-Разбирањето на овие седум основни потреби може да го промени вашиот однос со децата. Со практикување на овие принципи вие не само што ја негувате нивната емоционална благосостојба, туку и ги поставувате темелите за нивниот раст во самоуверени и сочувствителни возрасни луѓе – заклучила таа.