Летото е во полн ек, а за многу малечки тоа значи одмор од редовната говорна терапија и одење на плажа. Но, немојте да мислите дека тоа значи да се одморите од работата за совладување на јазичните и говорните вештини. За да ви докажеме дека е можно да се комбинираат логопедските активности со поминување квалитетно семејно време, ова се петте забавни активности за на плажа кои ви ги препорачуваме:

Приказни со камчиња

Најдете интересни камчиња или школки на плажата, опишете ги (големина, боја, текстура…) и создајте приказна за нив, дискутирајќи за прашања од типот: „Каде живеело ова камче? Што правело? Кои се неговите пријатели?“, па поттикнете игра со камчиња каде што тие разговараат, решаваат проблеми и наоѓаат авантури. Играјте со децата и ослободете ја вашата фантазија. Можете и да ги сортирате камењата според нивните различни карактеристики, на пример, по боја или мазност.

Замок од песок

Искористете го максимумот од класичната летна активност за изградба на замок од песок, така што прво разговарајте со вашето дете за тоа што ќе изградите, од што ќе го градите, со што ќе го украсите, што ви треба за него, поттикнете го детето да ви опише каков замок сака да изгради и да започне разговор за тоа. Потоа опишувајте додека собирате сѐ што ви треба (на пр., овој песок е мазен и влажен; школките се мали…), а додека градите, опишете што правите моментално и што е следно, поделете ги задачите и на тој начин поттикнете ја тимската работа. Кога замокот ќе биде изграден, зборувајте за него, опишете го и создајте приказна („Кој живее во него? Дали е тоа магичен замок? Што необично се случило таму?“).

Лов на букви

Ова е одлична игра за деца од предучилишна возраст. Доделете си една буква од азбуката и наизменично измислувајте зборови на таа буква за предмети пронајдени на плажа или во морето. Оваа активност можете да ја направите уште потешка така што играчот секогаш кога ќе каже збор, треба да го дефинира, опише или употреби во реченица.

Игри со прскање

Прскањето, покрај тоа што им е омилена активност на децата во море или базен, обезбедува неисцрпен извор на идеи за активности, без оглед на тоа што правите со вашето дете. На пример, можете да играте игра со деца од предучилишна возраст во која наизменично кажувате зборови што почнуваат со одредена буква. Секојпат кога играчот ќе каже нов збор, може да испрска друг играч по свој избор. По истиот принцип можете да играте со рими, или ако работите на изговорот на одреден звук, тогаш наизменично размислувајте за зборови со тој звук.

Игра за следење наредби

Оваа активност е добра за развој на приемчив јазик, слушање со разбирање и следење наредби, па ќе биде забавна за децата од сите возрасти. Во секој круг од играта изберете еден лидер кој ќе им дава наредби на другите играчи. Лидерот прво започнува со една команда (на пр., свртете се), која ја изведуваат другите играчи, а потоа ја комплицира секоја наредна команда со додавање друга (на пр., „свртете се, нурнете во морето“). Кога командите ќе станат премногу долги и првиот играч ќе се збуни, време е да го смените лидерот!

Идеите се неисцрпни и комбинираат забава со корисност, па затоа одете на плажа и уживајте.

Извор



912

X