Сосема е нормално малите деца откако ќе проодат да имаат модринки на рацете, а најмногу на нозете, бидејќи паѓаат многу пати во текот на денот.

Модринки, гребеници, мали исеченици се составен дел од нормалното, здраво детство бидејќи неизбежно е децата да ги „заработат“ додека трчаат, се качуваат, скокаат… Во повеќето случаи модринките поминуваат со малку мраз и „дај мама да бакне“, но има и некои модринки кои бараат внимание.

Во објавата која стана вирална на интернет, на профилот на „Тајни хартс едукејшн“ на „Инстаграм“, објавено е видео во кое се предупредуваат родителите за потенцијално опасните модринки. На видеото се гледа задниот дел од главата на девојче со мала, темна модринка зад нејзиното уво. Како што е објаснето во описот на објавата, „ако ја видите оваа модринка зад увото на дете, постои можност тоа да има сериозна фрактура на черепот. Веднаш однесете го на лекар“.

Видеото има милиони прегледи, а родителите во коментарите напишале дека „не знаеле“, а некои се потсетиле на постарите повреди на нивните деца.

-Мојот син неодамна ја повреди главата и кога се јавив на итна помош, првата работа што ми ја кажа медицинската сестра беше да му погледнам зад ушите – напишала една мајка.

Според веб-страницата на Кралската детска болница во Мелбурн, модринка зад увото обично укажува на фрактура на средната кранијална јама. Како и кај периорбиталните модринки, оваа модринка може да се појави неколку дена по повредата, велат оттаму.

Ако забележите модринки зад увото на вашето дете, однесете го на лекар, дури и ако поминале неколку дена од повредата. Во повеќето случаи модринките не се загрижувачки, но секогаш е подобро да ги провери лекар.

Извор



912

X