Хранењето со кикиритки на деца под пет години го намалува ризикот од алергии за 71 отсто, покажа истражување.
Околу едно од 50 деца е алергично на кикиритки, а стапките се во пораст. Реакциите можат да бидат опасни за живот и може да бидат предизвикани дури и од храна која содржи само мали количини јаткасти плодови.
Експертите од Кралскиот колеџ во Лондон открија дека изложувањето на бебињата и доенчињата на кикиритки уште од рана возраст помага да се заштитат.
– Ова е безбедна и високоефикасна интервенција која може да се започне уште на возраст од четири месеци – вели професорот Џорџ Ду Тоит.
Во истражувањето учествувале 640 деца поделени во две групи.
Децата од едната група постепено го зголемувале консумирањето на кикиритки од раѓање до петгодишна возраст, а другата група воопшто не јадела кикиритки во истиот период. Било откриено дека само 4 отсто од оние што јаделе јаткасти плодови биле алергични до 12-годишна возраст, во споредба со 15 отсто од оние што не ги јаделе.
Професорот Ду Тоит пресметал дека јадењето кикиритки во детството доведува до 71 отсто помали шанси личноста да биде алергична на храната како тинејџер. Тој рече дека децата би можеле да почнат да јадат путер од кикиритки кога ќе се одвикнат од млеко и кога ќе почнат да јадат цврста храна. Научниците мислат дека безбедното изложување на имунолошкиот систем на мали количини на алергени може да го научи телото да не предизвикува реакција.
– Овие наоди треба да ја зајакнат довербата на родителите дека давањето производи од кикиритки на нивните мали деца може да обезбеди трајна заштита од алергија на кикиритки. Оваа едноставна стратегија може да спречи илјадници случаи на алергиски реакции годишно – вели д-р Жан Марацо од американскиот Национален институт за алергија и заразни болести.
Инаку, Управата за храна и лекови (ФДА) идентификува осум од најчестите алергени на храна на кои родителите треба да внимаваат. Тоа се млеко, јајца, риба, школки, ореви, кикиритки, пченица и соја.
912