Сигурно сте слушнале за стариот народен лек – ставање компири во чорапи кога имате температура. Сега оваа метода се проширила и надвор од границите на Балканот, па многу влијателни луѓе од целиот свет ставаат компири во чорапите на нивните деца затоа што веруваат дека компирот извлекува токсини, ја намалува температурата и спречува болести.
-Функционира! Моето дете е подобро – напишала корисничка на „Тик-ток“ откако го испробала трикот на своето дете.
Иако таа не е единствената што експериментирала со овој трик, објавата набрзо собрала различни коментари.
-Дали помага при течење на носот? – прашало едно лице.
-Да, ги отстранува сите симптоми на настинка – одговорила инфлуенсерката.
Сепак, д-р Лоренс Канингам тврди дека нема научни докази кои потврдуваат дека компирот како народен лек навистина дејствува.
-Претпоставувам дека стана популарен затоа што родителите бараат природни лекови за болестите на нивните деца. Но, од научна гледна точка, нема докази за поддршка на ефикасноста на овој метод при температура или за исфрлање токсини – објаснил тој.
Д-р Канингам вели дека таквите вирусни трикови можат да предизвикаат плацебо-ефект, што значи дека ако мислите оти нешто може да функционира, тоа навистина може и да се случи. Плацебо-ефектот може да влијае и врз родителите и врз децата.
-Употребата на природни лекови понекогаш може да обезбеди психолошка удобност на поединците кои претпочитаат холистички пристап кон здравјето – додал тој.
Иако се чини дека трикот со компир нема лоши нуспојави, д-р Канингам предупредува дека всушност може да ги изложи на ризик луѓето, особено бебињата.
-Иако ставањето компири во чорапите е главно безопасно, постојат потенцијални индиректни несакани ефекти. На пример, потпирањето на овој метод за сериозни состојби, како што е висока температура, може да резултира со одложување на поефикасни медицински третмани. Ова е особено клучно за бебињата и мали деца чие здравје може брзо да се влоши ако температурата не се третира правилно – предупредил докторот.
@g0dblesstac0s It works! She all better now… #fyp #oldwivestales #potatosocks #momsoftiktok #kidsoftiktok #babytiktok #sickbabyhack ♬ Desperate – NEFFEX & NoCopyrightSounds
Наместо да ставаат компири во чорапи, лекарот ги советува родителите да ја следат температурата и да побараат лекарска помош доколку е висока.
-Секогаш препорачувам користење медицински одобрени методи, како што се парацетамол или ибупрофен, кои се безбедни кога се користат според упатствата. Дополнително, хидратацијата на детето и соодветниот одмор во удобно опкружување, исто така, може да помогнат ефикасно да се управува температурата. Иако интернетот може биде вреден извор за споделување информации, исто така има потенцијал да шири дезинформации – заклучи тој.
912