Постојат докази дека некоја форма на свесно искуство постои од раѓањето, а можеби дури и во доцната бременост, открила меѓународна група на истражувачи од колеџот „Тринити Даблин“ и нивните колеги од Австралија, Германија и САД.
Овие наоди, објавени во рецензираното списание „Трендови во когнитивната наука“, имаат важни клинички, етички и потенцијално правни импликации, според авторите.
Во студијата „Свест во колевка: за појавата на искуствата кај новороденчињата“, истражувачите тврдат дека мозокот на новороденчето во развој е способен за свесни искуства веќе при раѓањето и дека тие можат да остават траен впечаток врз развојот на неговото чувство за себе и разбирањето на околината.
Тимот се состоел од група невролози и филозофи од Универзитетот „Монаш“ во Австралија, Универзитетот во Тибинген во Германија, Универзитетот во Минесота во САД и Колеџот „Тринити“, во Даблин.
-Иако сите некогаш сме биле бебиња, свеста кај новороденчињата останува мистерија бидејќи бебињата не можат да ни кажат што мислат или чувствуваат – објаснува еден од двајцата главни автори на трудот, д-р Тим Беј, професор по филозофија на Универзитетот „Монаш“ (Мелбурн).
-Речиси секој што држел новороденче се запрашал како е да се биде бебе. Но, се разбира, ние не се сеќаваме на себеси како бебиња, а истражувачите на свеста не се согласуваат дали свеста се јавува „рано“ (при раѓање или набргу потоа) или „доцна“ – на една година, па дури и многу подоцна.
За да понуди нова перспектива за тоа кога првпат се појавува свеста, тимот го искористил неодамнешниот напредок во науките за свеста. Кај возрасните, некои маркери за снимање на мозокот се покажале како сигурни во разликувањето на свеста од нејзиното отсуство и повеќе се користат во науката и медицината. Ова е првпат испитувањето на овие маркери кај доенчињата да се користи за да се процени нивната свест.
Коавторот на студијата, Лорина Наци, вонреден професор на Факултетот за психологија на колеџот „Тринити“ и водач на групата за свест и спознание на „Тринити“, објаснила:
-Нашите наоди сугерираат дека доенчињата можат да ги интегрираат сензорните и развојните когнитивни одговори во кохерентни свесни искуства за да ги разберат дејствата на другите и да ги испланираат своите одговори.
Делото дава и увид во тоа „како е да се биде“ бебе. Знаеме дека видот е многу помалку развиен кај бебињата во споредба со слухот, на пример.
Дополнително, овој труд сугерира дека во секој даден момент, доенчињата имаат помалку свесност за предметите од возрасните и дека им треба подолго време за да разберат што е пред нив, но можат лесно да обработуваат различни информации, како што се звуците на други јазици, во споредба со постарите деца.
Ова истражување за свеста и невролошкиот развој има важни последици за разбирањето на потеклото на човековата свест.
912