Одделенската наставничка Светлана Јосифоска од скопското училиште „Лазо Ангеловски“ со Деца.мк ги споделува своите успешни методи на работа со кои учениците постигнуваат најдобри резултати

Ако сте од оние родители што мака мачат да ги најдат вистинските зборови и техники за да ја разгорат желбата за учење кај своето дете, не сте единствени. И немојте да се фрустрирате и да се прашувате зошто ова им е лесно како пердув на наставниците.

Тие немаат магично стапче кое ќе ги натера учениците да учат, едноставно си ја знаат работата и користат разни техники за полесно и поефикасно совладување на материјалот. Одделенската наставничка Светлана Јосифоска од скопското училиште „Лазо Ангеловски“ со Деца.мк ги споделува своите методи на работа кои секој родител може да ги употребува дома.

Самостојно и квалитетно учење

Јосифоска вели дека семејството како институција игра важна улога во образованието.

– Родителите имаат големо и трајно влијание врз досегашните и идните успеси на своите деца. Тие во својот дом со помош на неколку наставнички техники може да му помогнат на детето при учењето, како кај него да се развијат навиките за самостојно учење, како квалитетно да ги извршува домашните задачи. Вака ќе ја разгорат желбата за учење и ќе им помогнат да се стекнат со одредени конкретни вештини и извонредни академски достигнувања – вели Јосифоска.

Таа детално ни ги објасни најефикасните методи и стратегии. Една од нив е „Наставникот чита наглас и видови прашања“.

Фото: Колектиф Прес

– Родителот може да ја користи оваа стратегија уште при најмала возраст на детето, да ги чита приказните и текстовите наглас и да поставува повеќе прашања (фактички, предвидувачки и инферентни). Приказната ќе ја чита дел по дел и за секој дел ќе поставува прашања. Со овој метод ќе се постигнe целта – детето да се оспособи за слушање и разбирање на содржината од приказната – објаснува наставничката.

Математиката лесно се совладува низ игра

Интересна стратегија што родителите можат да ја применат е и ,,Коцка на прашања“ за да проверат дали успешно ја усвоиле приказната.

– Ја фрлаат коцката на чии ѕидови има прашања за приказната и текстот, го читаат  прашањето, а детето одговара. При користењето на стратегиите многу е битно да се користат и наставни средства, како сликовница, илустрации, наставни листови – вели Јосифовска.

Една од најкористените стратегии за наставата по македонски јазик е „Ѕвезда на приказната“. Јосифоска објаснува дека со оваа метода детето ќе научи да ги раскажува и прераскажува настаните по хронологија и да изведува заклучоци. Ќе ги знае елементите од приказната, ликовите, местото на случување на настанот, сижето и конфликтот/решението.

„Бура на идеи“ е интересен и ефикасен модел кој може да се применува за секој наставен предмет.

Му се кажува поим на детето и тоа треба да ги каже сите зборови што асоцираат на тој поим (на пример, за поимот пролет децата веднаш ќе ви ги кажат зборовите: цвет, сонце, птици преселници, кокиче…).

Математиката лесно се совладува и се развива љубов кон неа ако на детето од најмала возраст му ја доближите како игра со многу манипулативни средства, објаснува Јосифоска.

– Секогаш родителот треба да бара од детето да го објасни и да го оправда своето математичко размислување. Да се поттикнува на повеќе точни решенија – вели таа.

Јосифоска ги советува родителите да ги научат своите деца да проценуваат, да бараат од нив да знаат (колку време им треба за да ја напишат домашната задача, дали имаат доволно пари за да си купат молив и тетратка, колку центиметри е долг нивниот молив). Ова, според неа, е многу важна вештина.

И компјутерот е значаен извор за стекнување знаења и родителите имаат главна улога кога станува збор за тоа како нивното дете го користи и колку време поминува со него. Според Јосифоска, од големо значење е уште од најрана возраст децата да развиваат љубов кон книгата и кон детските списанија.



912

X