Тргнувањето на детето во прво одделение е важен настан за секое семејство. Тоа не е само голем чекор за идниот ученик, туку и важна пресвртница која означува потврда на трудот, вниманието и љубовта вложени во воспитувањето на детето.

Приспособувањата на новите барања, како што се седење на едно место, следење активности цел час и следење на училишните правила, бара различни вештини и способности од детето. Сите овие барања подразбираат одредено ниво на зрелост на способностите и вештините кои се потребни за совладување на училишните обврски, па затоа е важно да се утврди дали детето е подготвено да оди на училиште.

За да може детето успешно да се приспособи на барањата во прво одделение, освен што треба да има развиени интелектуални способности како меморија, логично размислување и концентрација, важно е да поседува и одредени вештини и социо-емоционална зрелост. Хронолошката возраст не е секогаш сигурен показател за подготвеноста на детето за на училиште, па затоа е важно детето да го достигне оптималното ниво на развој во различни аспекти, пред да започне формално образование.

Во последните неколку години значително се зголемува бројот на деца кои добиваат одложување на уписот во основно училиште. Според Министерството за образование во Србија, таа бројка е зголемена за 15 отсто во изминатите две години. Овој тренд предизвикува не само љубопитност, туку и сериозна загриженост кај родителите, воспитувачите и експертите од областа на образованието.

Што се крие зад овој феномен и како да дејствуваме заедно за да го спречиме?

Главните причини за одложување на уписот во основно училиште се психо-физичката незрелост на децата, недостигот на јазични вештини и недоволната социјална и емоционална зрелост. Децата што доцнат со уписот на училиште често имаат проблеми во графомоторните вештини, разбирањето на јазикот, намалениот речник и социјализацијата со врсниците. Ова одложување често произлегува од немањето подготовка или поддршка во програмите за предучилишна возраст. Но, постојат уште неколку причини за одложување на уписот на децата во основно училиште. Ова вклучува промени во семејната динамика, како што е развод или селење, што може да предизвика стрес и несигурност кај децата. Понатаму, понекогаш може да дојде до доцнење поради развојни предизвици, како што е доцнење во развојот, или здравствени проблеми кои бараат дополнително време пред детето да биде подготвено за училиште.

За да не дојде до доцнење со уписот на децата во основно училиште во иднина, потребно е да се дејствува на повеќе нивоа. Од клучно значење е да се обезбедат рани прегледи и процени на децата на предучилишна возраст. Редовните прегледи овозможуваат рана идентификација на можните развојни или здравствени предизвици, кои би можеле да влијаат врз подготвеноста на детето за училиште. Навремената интервенција може да ја приспособи потребната поддршка, за да се избегнат подоцнежните одложувања. Исто така, важно е да се обезбеди пристап до квалитетни предучилишни програми. Овие програми треба да го нагласат холистичкиот развој на детето, вклучувајќи ги и развојот на јазичните вештини, социјалната интеракција и емоционалната стабилност. Квалитетните предучилишни програми му ги обезбедуваат на детето основите кои се неопходни за успешен почеток на училиште.

Раната интервенција и поддршката играат клучна улога во спречувањето на одложувањето за запишување

Обезбедувањето рана интервенција и поддршка на децата кои покажуваат знаци на доцнење во развојот може да ги спречи понатамошните проблеми и потребата за одложување на уписот. Ова вклучува индивидуализирани програми за поддршка, терапии и работа со семејствата за да се обезбеди оптимална средина за развој на детето. Понатаму, континуираната соработка меѓу семејствата, предучилишните установи, училиштата и стручните лица – е од клучно значење. Воспоставувањето систем на континуирана соработка овозможува следење на напредокот на детето низ различните фази на развој и приспособување на поддршката според потребите.

Како заклучок, важно е да се истакне дека одложувањето на уписот на децата во прво одделение бара длабоко разбирање и поддршка. Овој процес може да биде предизвик за семејствата, но и за самите деца, кои се соочуваат со различни пречки на патот до училишниот успех. Причините за доцнење може да бидат различни и често се поврзани со индивидуалните потреби и личните предизвици на секое дете. Од клучно значење е да се обезбеди секое дете да има можност да го започне своето образование со цврсти темели и чувство на сигурност. Тоа се постигнува преку внимателна процена на подготвеноста на детето, поддршка од семејството, обучени експерти и соработка со предучилишните установи и училиштето. Важно е да се поддржи детето во севкупниот развој на вештините и знаењата и да се поттикне неговиот емоционален и социјален развој. Преку овие заеднички напори можеме да обезбедиме секое дете да влезе во училишните денови чувствувајќи се самоуверено, полно со ентузијазам и подготвено за сè што претстои.

Ова е важен чекор во нивниот живот, а со поддршка од семејството, училиштето и заедницата, секое дете има можност да го достигне својот целосен потенцијал и да постигне успех.

Автор: Антонија Домовиќ/просветен работник

Извор



912

X