Овој текст е создаден од потребата да се преземат конкретни активности кои ќе им помогнат на учениците во нивните односи со родителите. Конкретната причина е изјавата на една ученичка пред цело одделение – дека сериозно размислува да се самоубие затоа што нејзината мајка повеќе години секојдневно ја навредувала по разни основи:

Ако сакате да му помогнете на вашето дете, првин помогнете си себеси!

Конкретен предлог за сите оние родители што се повикани во училиштето за да им кажат дека нивното добро и воспитано дете прави проблеми и оние што искрено веруваат дека нивното дете не е добро:

Ако не сте добро, ниту вашето дете не може да биде

Доведете се во ред. Во секоја смисла. Ако и потоа ви се јавуваат од училиште, или ако верувате дека вашето дете не е добро, побарајте стручна помош. Не за детето, туку за тебе. Нема проблематични деца – само проблематични родители, чии производи се деца чие однесување повикува на помош затоа што се чувствуваат загрозено и мизерно.

Проверете што емитувате во просторот околу вас

Страв, гнев, радост, агресија, вера? Погрижете се да се сакате и почитувате себеси. Ако не – преземете ги сите неопходни чекори во таа насока. Кој не се сака себеси, тешко може искрено да си ги сака децата, партнерот, родителите или што било друго. Реално не сме научени да се сакаме себеси, но сепак технологијата напредува, па затоа е пожелно да ја следиме за лична и општа благосостојба.

Проверете каков е вашиот однос со партнерот

Ако има простор за подобрување – вие направете го првиот чекор. Ако мислите дека врската е премногу оштетена – решете ја најдобро што можете, без одлагање. Ако сте се разделиле со партнерот, никогаш не зборувајте лошо за него со вашето дете. Тоа е биолошкиот родител на детето и тоа во него има 50% од тој родител, засекогаш, без разлика каков е вашиот партнер. Ако налутено му велите на вашето дете: „Ти си ист како татко ти/мајка ти“, прифатете дека имате сериозен проблем и веднаш решете го или побарајте помош.

Проверете каков однос имате и со вашите родители, без разлика дали се живи или не. Ако откриете дека има простор за подобрување, направете го првиот чекор. Обрнете особено внимание на тоа дали сте им простиле. Ако не – еве задача во која треба да се вклучите, првенствено за себе. Што и да ви направиле негативно, тоа може да биде само од две причини: незнаење или страв. И нивната намера, како и вашата, била најдобра. Ова е исклучително важно затоа што на овој начин ја разбивате „семејната клетва“ – лош модел на однесување кој се пренесува од родителите на децата со генерации. Ако не го решите ова, ќе биде тешко и за вас и вашето дете, но и за него и неговото дете. Ако се подобрите, и вашето дете ќе се подобри.

Воздржувајте се да правите работи наместо детето

Вие не сте ничиј роб. Детето треба да изгради самодоверба. Што ако утре ве удри автомобил? Детето мора да биде способно да се грижи за себе и да ги задоволува сите свои потреби независно и без ваше учество. Научете го да пржи јајца. Испратете го во продавницата. Не плеткајте се во неговите модни комбинации без разлика колку се смешни. Неговата коса не е ваша работа.

Кога разговарате со вашето дете, прашувајте повеќе и зборувајте помалку

Ако навистина треба да кажете нешто, тоа нека биде пример од вашиот личен живот.

Ако вашето дете ви каже нешто, слушајте внимателно

Имате многу да научите. Тоа гледа на истата ситуација од агол кој е апсолутно недостапен за вас – сега и засекогаш.

Воздржете се од каков било негативен говор во присуство на детето

Ова вклучува: жалење, озборување, покажување омраза, цинизам, сарказам, закани, навреди, понижување некого, вклучително и луѓе кои ви се јавуваат во недела наутро на фиксен телефон за да ви се понудат да го исчистат вашиот клима-уред.

Секогаш кога имате инспирација, задолжително прегрнете го детето, бакнете го, кажете му нешто убаво

Заблагодарете му што ве избрало вас да бидете негов пилот на ова предизвикувачко патување и кажете му колкава чест е тоа за вас. Поддржете го на неговиот пат, дури и кога не се согласувате, дури и кога не разбирате за што се работи – затоа што вашето дете го интересира тоа, а ако вие како негов родител не го поддржувате – тогаш кој ќе го стори тоа?

Препознајте ја вистинската вредност во сите пожелни и не толку посакувани особини на детето

Разберете како тие работат синхронизирано и се поддржуваат едни со други. Воздржете се од поправање на нешто што е совршено.

И едноставно, сакајте го вашето дете.

Автор: Срѓан Плавшиќ/ наставник

Извор



912

X