Муртење. Може ли нешто повеќе да те извади од такт како муртењето на детето? Па да не се лажеме, може. Но, муртењето е високо на листата со најдосадни детски постапки и тоа се моментите кога сакаме да им кажеме: „Млада дамо, додека си под мојот покрив…“ и сите тие силни, патетични реченици кои покажуваат дека не знаете повеќе што да кажете.

Сепак, постојат некои реакции кои можат да го сопрат тоа драматично муртење побрзо, или пак целосно да го запрат. Следниот пат кога ќе се појави таква ситуација, пред да кажете една од тие реченици, испробајте еден од овие 5 начини кои ќе ви помогнат да го разберете и да се справите со намуртеното дете на здрав, продуктивен начин.

Дознајте што се обидува да постигне детето

Можеби мислите дека секое муртење е исто. Но, децата кои се муртат можат да имаат многу различни цели и важно е да се одреди која од нив е во прашање во тој момент, пред да се преземе акција. Ако вашето дете се мурти, тоа е веројатно затоа што сака кај вас да предизвика сожалување и да ве натера да се премислите. Исто така, на овој начин може да покаже чувства што не ги вербализира или, пак, сака да го привлече вашето внимание и да ве натера да го видите и слушнете.

Оставете да престане муртењето

Сигурно барем еднаш сте помислиле на дете кое се мурти да му го дадете она што го сака за да престане. Се чини дека тоа функционира на краток рок, но што е со долгорочната порака и реакција? Ајде да објасниме користејќи го примерот на месојадното растение од филмот „Мали продавници на ужаси“. Додека ја хранеле билката, таа прераснала во чудовиште. Муртењето на вашето дете е како растение – ако го нахраните растението исполнувајќи ги неговите барања, тоа ќе расте. Следниот пат кога на вашето дете нема да му се допадне некоја ситуација, повторно ќе се мурти. Ќе мисли дека оваа тактика функционира. Не хранете месојадно растение. Ова е токму она што треба да го имате на ум и да се држите до вашата одлука. Кога детето ќе види дека таа тактика повеќе не функционира, муртењето ќе овене. Не хранете го чудовиштето.

Дајте им зборови за да изразат силни чувства

Разочарувањето, фрустрацијата, лутината и тагата можат да бидат силни емоции со кои децата треба да се справат. Муртењето е всушност природно незрело изразување на различни емоции, а причината е тоа што детето сè уште не ги научило вештините да ги изрази своите фрустрации, на соодветен начин. Вашето малечко навистина не знае како да ги опише своите чувства – нема зборови за тоа. Помогнете му да ги научи зборовите за да ги изрази своите чувства. Објаснете му што значи секое чувство.

Дајте им до знаење дека ги гледате и слушате

Понекогаш сакаат да нѐ почестат – со тишина. Иако се оддалечуваат од нас и се обидуваат целосно да нѐ игнорираат, она што навистина го сакаат е да ни го привлечат вниманието, односно да нѐ привлечат кон нив. Ако и вашето дете ве игнорира, особено со муртење, обидете се да го решите тоа така што ќе му кажете дека го разбирате и дека се грижите за него. Обидете се да кажете нешто како: „Гледам дека не си задоволен со ова. Ако сакаш да разговараш, јас сум подготвена да слушам“. Ако ја прифати понудата за разговор, погрижете се навистина да слушате и обидете се да ги вербализирате желбите на детето.

Избегнувајте ненадејни и инстинктивни реакции кои го влошуваат муртењето

Покрај хранењето на растението кое станува чудовиште, има и други НЕ толку добри реакции на муртењето. Понекогаш реагираме во лутина барајќи веднаш да престане муртењето. А понекогаш дури и го исмејуваме детето за тоа, зарем не? Да, и тоа се случува. Не ни е непознато дури и на шега да му доделиме некој прекар на детето кое се мурти. Но, тоа не го решава проблемот. Тоа само создава фрустрирано, повредено дете. Ако очекуваме подобра комуникација од нашите деца, треба да ја очекуваме и од нас самите. Наглите реакции ретко се ефикасни.

Повнимателен одговор на муртењето може да го спречи таквото однесување и да моделира здраво изразување.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X