Синоќа, во полна сала во Центарот за култура, битолскиот детски хор „Ѕвончиња“ под диригентската палка на Марина Коруновска, блесна на отворањето на 44. издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.

Ѕвончињата беа дел од перформансот во режија на Дејан Пројковски, заедно со членови на ЗЏМ, и ја изведоа „Аnother brick in the wall“ и „Time“ од „Пинк Флојд“. Изведбата, која предизвика воодушевување меѓу публиката, беше во чест на лауреатот Питер Бижу, директор на фотографија на филмот „Пинк Флојд: Ѕидот“.

– Чест и задоволство ми беше што детскиот хор „Ѕвончиња“ учествуваа на овој светски фестивал кој е навистина важен и за нашиот град, но и за нашата земја. Дечињата покажаа врвен професионализам и целата изведба помина беспрекорно. Горда сум што „Ѕвончињата“ ги слушнаа врвни уметници од многу области, и што покажавме дека Битола има со што да се гордее. Сигурна сум дека еден ден, овие деца ќе прераснат во врвни уметници! – изјави директорката на музичкото училиште „Korunovska music & singing“ и диригентка на детскиот хор „Ѕвончиња“.

Не секој ја добива честа да биде дел од ваков реномиран фестивал, но макотрпната работа, сите овие години на децата од хорот како и наставничките кои работат со нив, си го направија своето.

Пораката до сите деца е да учат, работат, да се вложат во тоа што го сакаат, само така можат да го допрат успехот. Ви посакуваме еден ден да ве видиме и во „Долби“ театарот, во Лос Анџелес!



912

X