Нарушувањата во исхраната се главен здравствен проблем во последниве години. Меѓу помалку познатите се издвојува прегорексијата, термин кој се користи за опишување нарушувања во исхраната за време на бременоста. Иако не е официјална дијагноза, прегорексијата е многу присутна кај многу трудници, а се забележува при неправилна исхрана за време на бременоста, строги диети и ограничувања во исхраната и екстремно вежбање.

Сите горенаведени однесувања можат сериозно да го загрозат здравјето на мајката и на бебето, особено ако навреме не се побара помош.

Што е прегорексија?

Прегорексија е често присутен поим во медиумите во последните години. Статистичките податоци покажуваат зголемување на сите нарушувања во исхраната (анорексија, булимија и компулсивно прејадување), но и оние неспецифични форми на нарушувања во исхраната (манорексија, орторексија, бигорексија, прегорексија итн.). Прегорексијата е нарушување во исхраната кое се однесува на бремени жени кои имаат прекумерна потреба да ја контролираат својата телесна тежина преку екстремно вежбање и рестриктивен внес на храна.

Постои и абнормална потреба за брзо слабеење по породувањето, што покрај многубројните психолошки промени што се случуваат (хормонални промени, адаптација на новата улога, грижа за дете), го отежнува приспособувањето на мајчинството и го зголемува ризикот од развој на посериозни психолошки проблеми (на пр., постпородилна депресија).

Со оглед на тоа дека телото поминува низ многу промени во текот на деветте месеци од бременоста, потребно му е барем исто толку време да се стабилизира на природен начин, вклучувајќи ја и тежината.

Поради физичките и психолошки промени низ кои жената поминува во текот на бременоста, прегорексијата често останува во втор план.

Како да препознаете прегорексија?

Многу жени свесно ги кријат своите симптоми поради преголемата потреба да ја контролираат својата тежина, а некои од предупредувачките знаци кои дефинитивно треба да се земат предвид се:

  • Рестриктивен внес на исхрана: строги диети, одбивање одредена храна итн.
  • Неквалитетна исхрана и нередовени оброци: прескокнување оброци, премали оброци, избегнување оброци во друштво.
  • Прекумерна фокусираност на себе и на сопствениот изглед, опсесивно броење на калориите и постојана проверка на телесната тежина.
  • Прекумерно и екстремно вежбање во текот на сите месеци од бременоста и покрај предупредувањата на лекарот.
  • Намерно предизвикано повраќање и користење лаксативи.
  • Чувство на срам, вина и вознемиреност за зголемувањето на телесната тежина и страв од губење контрола врз сопствената телесна тежина.
  • Избегнување одење на лекарски прегледи.
  • Неможност да се прифати новата улога и промените што се случуваат.

За жал, лекарите проценуваат дека сѐ повеќе жени страдаат од ова нарушување, а оние што пред бременоста биле преокупирани со својата телесна тежина и изглед или, пак, претходно имале некои нарушувања во исхраната, почесто се разболуваат. Кај повеќето жени прегорексијата останува непрепознаена бидејќи симптомите често се припишуваат на вообичаени симптоми на бременост (на пр., утринска мачнина, често повраќање, одбивање одредена храна итн.).

Како да се лекува прегорексијата?

Нарушувањата во исхраната можат да предизвикаат сериозни здравствени последици. За време на бременоста постојат здравствени ризици поврзани со неправилната исхрана што може да ја комплицираат бременоста и да ги загрозат мајката и детето (на пр., губење на коскената маса на трудницата, бројни проблеми во развојот на детето, помала родилна тежина на детето поради недостиг на хранливи материи, вртоглавица и исцрпеност на трудницата, интраутерино крвавење, зголемен ризик од губење на плодот, неможност за доење итн.).

Во раните месеци од бременоста, утринската мачнина е присутна кај повеќето трудници, па понекогаш е тешко да се препознаат симптомите на прегорексија, особено ако самата трудница не е свесна за нив.

Нарушувањата во исхраната се комбинација од многубројни фактори кои придонесуваат за развој на такви нарушувања, особено претходна историја на нарушувања во исхраната, стресни настани без соодветна поддршка од околината и нерешени психолошки тешкотии поврзани со депресивни и анксиозни состојби.

Секако дека е потребно да се истакне изразениот социјален притисок, особено во виртуелниот свет, кој наметнува идеали за вито тело. Преплавеноста со фотографии од нереални тела на трудници многу влијае врз оние на кои им недостига поддршка.

Зголемувањето на телесната тежина за време на бременоста е нормално и се смета дека жените во просек се здебелуваат помеѓу 9 и 17 килограми, што зависи од нивната телесна конституција.

Лекарите не предлагаат диета за време на бременоста, туку здрава исхрана и умерено вежбање (ако бременоста е нормална) и социо-емоционална поддршка. Ако ова е присутно и по породувањето, телото постепено ќе се врати во првобитната состојба и ќе ослабе во текот на неколку месеци, што е сосема нормално и здраво. Забрзувањето на овој природен процес може да создаде многу здравствени компликации.

Третманот на прегорексија се спроведува под стручен надзор на лекар. Поверојатно е дека симптомите ќе ги препознаат членовите на блиското семејство на трудницата, поради што се советува навреме да се реагира и да се побара помош. Заедно со терапија и нутриционистичко советување, како и семејна и индивидуална психотерапија, можно е да ѝ се помогне на трудницата, да се подготви за сѐ што следува и да ѝ се обезбеди соодветна стручна поддршка. Третманот е важен и за бремената жена и за бебето и треба да продолжи и по породувањето (ако е можно неколку години со следење на потенцијалните симптоми).

Извор



912

X