Сè повеќе експерти сметаат дека креативноста е најважниот ресурс во 21 век, но дека во денешното општество модерните технологии ја престигнаа креативноста. Информациите брзо стигнуваат и ги има премногу, па не можеме да ги искористиме на вистинскиот начин. И децата се задушуваат во непотребни содржини, и тоа не само во образовниот систем.
Патот до креативно битие почнува од играта, а основната игра настанува преку движење, одење, трчање, скокање. Играјќи, детето го запознава светот. И тоа е најважната работа на детето.

– Некогаш тоа беше нормално – детето да трча од утро до мрак преку камења, преку поточиња, гранки, да ја проценува должината на скокот – како треба да го направи тоа. Притоа мора да држи рамнотежа, постојано да му работи целиот мозок, мора да размислува – е тоа е вистинска игра, така се развива мозокот – објаснува Рајко Рајовиќ, автор на програмата „НТЦ систем на учење“.

Што повеќе играње во природа, но и во градинка и во училиште. Физичкото, музичкото и ликовното образование се најважните предмети до 12-тата година. Основна задача е да се создаде поттикнувачко и богато опкружување и различни можности за игра.

– Да си игра – со возрасните, со врсниците, со различни работи, со играчки што се совршени, но исто така и со нешто што е креирање и на играчки и на игра – вели Љубица Бељански-Ристиќ, раководител на програмата „Школигрица“.

Растко Ќириќ пораснал меѓу столовите за цртање на своите родители. Кога имал две и пол години, го нацртал часовникот на татко си. Ова е само еден од многуте цртежи од изложбата во Детскиот културен центар во Белград, кои му помогнале да го реконструира својот живот и да открие многу работи за себе.

– Најдов цртежи од идните Ал и Баук, кои многу подоцна ги илустрирав и ги цртав, така што некои мотиви неминовно потекнуваат од детството – вели ликовниот уметник и педагог Растко Ќириќ.

– Моќта на цртањето е голема – потврдува Урош Петровиќ и вели дека тој никулец од детството му го олеснува помнењето и му помага во создавањето на „Загадочните приказни“ и прашања додека ги комбинира сликите и зборовите. Така ги учи децата да размислуваат.

– Кога ќе го погледнам својот живот, кога ќе се вратам наназад, всушност гледам дека најважен период ми бил кога сум откривал тајни, кога сум бил разигран, немирен, кога сум бил љубопитен – вели Урош Петровиќ, писател и коавтор на програмата „НТЦ-систем на учење“.

Пораката до родителите е: Ако сакате креативен свет, дозволете им на децата да си играат, поддржете ги нивните замисли, дозволете им да се изразат и да фантазираат. Бидејќи големите работи почнуваат навреме, во детството.

Автор: Гордана Главиниќ



912

X