Не е тајна дека момчињата, генерално, се послаби ученици од девојчињата. Секако, тоа не е правило, но кога ќе го погледнеме просекот, има многу повеќе девојки кои постигнуваат одлични резултати отколку што е тоа случај со момчињата.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) се занимавала токму со оваа тема. Таа ги разгледала податоците од истражувањето, кое исто така покажало дека момчињата имаат слаби постигнувања на училиште. Цел била да откријат зошто е тоа така.

Откриле пет причини:

1) Момчињата обично се помалку ангажирани на часовите

Во развиениот свет, 15-годишните момчиња почесто од девојчињата велат дека училиштето е губење време. Помалку е веројатно дека ќе се согласат оти напорната работа и труд се важни отколку ако ги прашате девојките. Момчињата почесто од девојчињата доцнат на час или дури и бегаат од часови.

Овие разлики не се особено големи. Во повеќето случаи тоа се само 10%. Но, фактот дека тие постојат е некаков показател дека имаме разлики во однос на училиштето, врз основа на полот. Момчињата едноставно не го сметаат училиштето толку важно како девојчињата.

2) Момчињата и девојчињата имаат различни ставови кон домашните задачи

Без разлика дали учениците имаат многу домашни задачи (речиси 15 часа неделно во Шангај) или многу малку (околу три часа неделно во Финска), во секоја варијанта момчињата посветуваат помалку време на тоа од девојчињата. Во просек, во земјите на ОЕЦД, девојчињата поминуваат 5,5 часа неделно во завршување на домашната работа, а момчињата 4,5. Но, кога ќе се земе предвид времето поминато во учењето, може да се каже дека момчињата всушност се подобри од девојчињата по математика и природни науки, додека девојчињата подобро читаат.

3) Момчињата поминуваат повеќе време на интернет и играјќи видеоигри

И што прават момчињата со времето кога би требало да ги завршуваат домашните задачи? Студијата вели – играат игри. Повеќето девојки никогаш или речиси никогаш не играле игри за еден играч, како и онлајн игри каде што противниците се на другата страна од екранот. Повеќето момчиња го прават тоа.

Дали е ова некаков недостаток за нив? Па, се чини дека не е. Играњето стратешки игри е поврзано со подобри резултати на тестовите, додека игрите каде што децата соработуваат или се натпреваруваат едни против други онлајн се поврзани со слаби резултати.

4) Момчињата читаат многу помалку во слободното време

Јазот меѓу девојчињата и момчињата е најзабележителен во делот на читањето. И во сите земји во светот каде што се мери, со исклучок на Кореја, девојчињата читаат повеќе од момчињата. ОЕЦД открива дека навистина не е важно што читаат учениците – без разлика дали се работи за фикција, стрипови, весници или нешто друго, повеќе време поминато во читање значи севкупно подобро читање со разбирање во сите области.

5) Момчињата се помалку амбициозни кога станува збор за кариерата

Низ светот, 15-годишните девојчиња имаат повеќе амбиции за кариера, за разлика од момчињата на иста возраст. Многу почесто очекуваат дека ќе успеат да ги завршат студиите и дека тоа ќе им донесе работа во менаџмент или некоја друга добра позиција. Повторно, иако нивните очекувања не се исти на таа возраст, процентот на мажи и жени кои се занимаваат со такви работи подоцна во триесеттите години е речиси ист.

Значи, девојките се поамбициозни, но на крајот не значи дека нужно ги остваруваат тие поставени цели.

Извор



912

X