Сајбер-насилството е еден вид триаголник бидејќи тука не се инволвирани само жртвата и насилникот, туку и секундарно истрауматизираната група на деца што е директно вклучена и се поистоветува со насилникот или, пак, пасивно следи и сочувствува со жртвата, но не зазема одбранбен став за да не ѝ се случи истото, објаснува психологот Христина Стефановска. Таа објаснува кога да се посомневаме дека детето е жртва, како да се помогне…

Ќерка ми е седмо одделение. Момчиња со кои учи во истото одделение зеле нејзина слика од „Фејсбук“ и ја преправале. Таа е полничка, па ја истегнувале на фотографијата да изгледа тенка, со што лицето ѝ се прави долго, ѝ ставале круна и ја споделуваа со децата. Ѝ кажа другарка која не смеела да им се спротивстави зашто може да ја снајде нешто слично, ни раскажа мајката на девојчето.
– Дали знаете колку понижувачки е ова и како влијае врз еден тинејџер. Јас се расплакав, а не пак таа. Сега конечно се убедивме да почне да работи со психолог – додава мајката.

Ивона, мајка на петтоодделенец, вели дека се фрапирала кога му ги отворила пораките на „Вајбер“.
– Децата не се соочуваат со булинг само во школо, туку тоа продолжува и кога ќе дојдат дома. Имаат момче во одделение кое на повеќето секојдневно им повторува дека се глупави и видов дека им го пишува тоа. А и што уште не. Девојче, пак, им се обраќало на другите девојчиња со „смрдла“ и ги понижувало. Замислете, на тие години. Го дискутиравме тоа и со наставничката и со група родители и се обидовме и со родителите на овие деца, за на крај да се сведе на тоа секој да работи со своето дете и да му објаснува дека не е глупаво или дека не треба да му влијаат понижувањата – раскажува таа.

Најчесто на „Фејсбук“

Врсничкото онлајн-насилство, наречено сајбер-булинг, се случува кога децата и тинејџерите, користејќи интернет, мобилни телефони или други технолошки уреди, објавуваат навредливи информации во вид на текст, слики или други видови содржини со намера да повредат или да посрамотат друга личност.
– Според статистиките за 2014 година од NoBullying, 7 од 10 деца се цел на сајбер-насилство. Тоа, пак, најчесто се прави на „Фејсбук“. Ова насилство е еден вид триаголник бидејќи тука не се инволвирани само жртвата и насилникот, туку и секундарно истрауматизираната група на деца која е директно вклучена и се поистоветува со насилникот или, пак, пасивно следи и сочувствува со жртвата, но не зазема одбранбен став за да не ѝ се случи истото – вели Стефановска.

Каква личност е сајбер-насилникот?

Детето што прави насилство, според нашата соговорничка, најчесто нема силна врска со своите родители и наставници, авторитети и било жртва на семејно насилство, без разлика дали психичко, вербално или физичко.
– Таквото дете има потреба да доминира над другите деца, сака да ги користи другите луѓе или деца за да го добие она што го сака, не ја гледа ситуацијата од туѓа перспектива. Кај него отсуствува чувството на емпатија, тоа обвинува, критикува и дава лажни изговори за своето несоодветно однесување кон жртвата, не прифаќа одговорност за своите постапки, има силна потреба за внимание, чувствува социјален немир, самоуверено е во своите компјутерски вештини, може да е и тоа жртва на сајбер-насилство (проективно изразување на чувство на револт и гнев) – објаснува психологот.

Христина Стефановска

Кога да се посомневаме дека детето е жртва?

Детето-жртва е со загрозен физички или психолошки интегритет, намалена самодоверба и лоша слика за себе, несигурност, потреба за одобрување на постапките, асоцијалност, потреба за осамување и повлекување.
– Чувствата што доминираат се: страв, тага, бес, гнев, се јавува состојба на вознемиреност, напнатост, немир, нарушувања во сонот, несоница, губење апетит или прекумерно јадење, фрустрираност, анксиозност, депресија, невклучување во активностите на училиште. Знаци може да се и слаби оценки, намалена концентрација, вршење повратно сајбер-насилство и во најлоша мера – суицидни мисли или самоубиство (“bullycide”) – вели Стефановска.

Колку се важни родителите доколку е засегнато нивното дете?

Родителите се исклучително важни за да се реши проблемот со насилството. Тие се првата и основна поддршка на нивните деца од каде што потекнува и обезбедувањето на чувството на сигурност.

– Од нив се бара да бидат целосно вклучени и ангажирани во семејната динамика. Тие треба да бидат во континуитет со активностите на нивните деца на интернет. Добро е доколку го постават компјутерот на некое видливо место во домот. Родителите треба да дискутираат со своите деца за тоа кои страници се во ред да ги истражуваат, а кои не се и да имаат јасни правила околу активностите на интернет – објаснува Стефановска.
Многу е важно родителите да имаат контрола над содржините што ги гледаат децата и ограничување на времето минато на телефон и таблет.

– Родителите треба да бидат отворени со своето дете, за тоа да може слободно да им се обрати доколку нешто го загрижува. Треба да му помогнат на детето да ги развие вештините што му се потребни за да комуницира безбедно на интернет – додава психологот.

KАКВИ ФОРМИ НА САЈБЕР- НАСИЛСТВО ПОСТОЈАТ

Вознемирување – константно праќање навредливи, вознемирувачки и груби поракии порнографски материјали

Имитирање – пробивање во туѓи кориснички сметки и праќање лажни, засрамувачкипораки во туѓо име

Омаловажување – пишување шпекулацииили други неточни изјави што може да ѝ наштетат на жртвата, како и слики со понижувачка содржина и срамни лични информации и нивно праќање или објавување на интернет

Измамување и јавно откривање – споделување туѓи лични информации или измамување некого за да ги сподели своите тајни со цел да им ги препраќа на други

Вулгарно обраќање– праќање лути поракисо вулгарна содржина

Сајбер-демнење – константно заплашување на жртвата за својата безбедност

Провоцирање (тролање) – со цел да се изнуди лута и афективна реакција

Лажно претставување – користење лажни профили, како и користење фотомонтажа, видеомонтажа

Исклучување од социјалната средина,т.е. од групи, четови или разговори



912

X