Секое породување е своја приказна, а и доживувањето на жените на овој чин е различно

Жените при породувањето се соочуваат со милион мисли во главата, желба да помине сè во ред и бебето да е добро, неретко со големи болки, страв, среќа, возбуда… Тоа го покажуваат и нивните први коментари откако ќе се породат, кои знаат да бидат чудни, смешни, интересни, неочекувани…
– Истовремено се во неизвесност за тоа како ќе помине породувањето, дали ќе биде добро бебето, среќни се, се соочуваат со болка… Или сè им е измешано во главата – вели д-р Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Многу наши сограѓанки со задоволство ги споделија со нас првите реченици што ги кажале откако се породиле.

Боже, плачат. Живи се!

-Нели требаше да плаче гласно ко на филм?
Дијана

-Кога ќе заплаче? Кога заплака: „Избројте прсти“! Кога ми ја дадоа, молчев и плачев од среќа.
Наташа

-За првиот син: „Зошто му е главата како на јајцеглави?“
За вториот: „Оф се спасив, не успеа да ме убие детево“.
Татјана

-Плачат. Боже, плачат. Живи се!
Билјана

Леле, ама е грдо! А потоа ми беше најубаво на свет

-За син ми: „Зошто е модар? Веќе никогаш не раѓам. Никогаш!“
За ќерка ми: „Женско?! Ај не лажете ме!“
Љупка

-Леле колку коса има!
Бојана

-Нема шанси да раѓам повторно.
Ивана

-За првото: „Леле ама е грдо“. Се роди 4.050 грама, беше ептен буце, а јас уште бев под дејство на целосната анестезија од царскиот рез. Потоа ми беше најубавото бебе на светот.
За второто: Еееее црна е, како татко ѝ.
Цеце

-Правата реченица ми беше: „Леле косаааа“. Потоа: „А другото?“. Близнаци родив.
Ане

-Многу е црно детево?
Мими

-Каде ја носите?!
Васка

-Колку тежи?
Михаела

-Колкав му е АБГАР-от?
Александра

-Излезе? Колку тежи?
Ивана

-И мајка ми луда три деца родила.
Дона

-Кога и двајцата ги легнаа на креветчето, барав фломастер за да им чкртнат на рачињата зашто си имав страв да не ми ги сменат во болница.
Ане

-Ај на мама златото!
Наталија

Што е ова, кога ќе заврши?

-За првото: „Јавете им се на домашните, кажете добив син“.
За второто: „Леле колку е црно“.
Ѓулчан

– После царски рез, после 8-9 часа кога ми го донесоа во шок-соба, спастрен, најаден, прво што му реков беше: „Од каде излезе ти, најубаво миризливо бебе?“ Инаку, ме разбуди глас: „Мајка, oтворај очи, имаш здраво машко дете, 5 кг/54 цм“. Прво што ѝ реков на сестрата: „5 кила? 5 кила? Машала, Антонијо“.
Антонија

-А бебето? На кого личи?!
Ангела

-Добро ли е?
Ана

-Кога ќе ми се пуштат нозете?
Елена

-Излезе бебето? Докторот: „Да, мајка, излезе“ . Јас: „Докторе, дајте ми нешто за болки“. Заб ме болеше повеќе од породувањето.
Александра

-Те молам заплачи… Добро е, совршено мое.
Кристина.

-Наглас прашав дали е добро бебето. А во себе си реков:„Што, жити Бога, е ова. Кога ќе заврши?“
Ирина

-За Клара реков: „Леле колку е малечка“.
За Катја: „Колку убаво бебе“.
За Васил: „Сè е во ред? Докторка, кажи дали е сè во ред???“ И се расплакав, првпат со третото плачев како бебе.
Ерика

-„Плаче мојот син!“ И следуваа еден тон солзи радосници.
Наташа

-„Дали се живи сите три“. Имав царски рез.
Ирена

-Леле колку е малечко.
Бети

-За Ѓорѓи: „Машкооо??? Докторе, па нели девојче беше?“
За Војдан: „Леле бушман на мајка (се роди со многу коса)“
Цветанка!

-За Матеј: Ќе ми го дадете?
За Зафир: Ќе му спадне ли отокот?
Маја

-За Никола: „Леле, зар ова е мое бебе, ова мене ќе вика мамо!!!“
За Михаил: „Бебе со фаца, трепки, веѓи, коса“.
Роска

-Прво што реков за Филип: „Фала Богу излезе живо, здраво“.
За Александар: „Кога ќе ми го донесете?“
Маријана

-Не раѓам второ!
Јасмина

-„Жив ли е“, ми беше првата реченица. Не заплака одма, па го превртуваа и го чукаа по грбот. А потоа прашав: „Ги има ли сите прсти на рацете и на нозете?“

-За првото се мислев меѓу две имиња и искоментирав: „Да ја видам, мене на Бојана ми личи“.
Второто го видов после три дена: „Фала Богу, сè е во ред“.
Татјана

-Има ли по 10 прсти на рацете и на нозете?
Марина

-За Андреј: „Зошто не плаче?“
За Исидора: „Ја родив? Готово ли е?“
За Теодора: „О Боже, на никој не личи!“
Заге

-Бебето, каде ми е бебето?
Елизабета

-Во колку саат се роди? Не видов!
Андријана

-Јас: „Добра ли е?“ Не ја слушнав да плаче, дури потоа писна.
Докторката: „Супер е мајка, пораснато бебе мислиш 2 месеца има“.
Александра

-Вода, дајте ми вода!
Елена

-За Ана: „Ова многу црно, не е мое“.
За Јован бев во шок, мислевме дека е девојче, а излезе 4 кг маже. Докторот ми вели:„Ајде честито син“. А јас: „Како син, ќерка е“.
Јасмина

На мајка ангелот

-Маж ми: „Зошто детето не плаче?“
Јас: „Зошто да плаче кога во Германија е родено“. Вака се шегував за вториот син.
Маријана

-Леле колку е убав!
Мирјана

-И сега што треба да правам со него? Ништо не знам.
Сузана

-Боооожеее драги, цела е ко татко ѝ.
Елена

-Леле колку е убав!
Живка

-Јас од возбуда не можев да зборувам. Само што го извадија, крваво, без пресечена папочна врвца, го ставија на мене. Знам дека го бакнував и многу плачев. После ме освестија дека можам да ја сечам папочната врвца ако сакам, ама бев во паника, па не прифатив. Маж ми исто.
Елена

-Леле косааа, ете зошто јас умирав од киселини. А којзнае дали има врска едно со друго.
Александра

-„Диши сине, диши“. Оти со вакуум го извлекоа.
Ангелина

-По 24 часа од царскиот рез и лежење во шок-соба, правев филмови што и како е со бебето, се спремав да проверувам алки и броеви. Ама кога ја донесоа, немаше потреба. Моите зборови беа: „Иста е како татко ѝ“.
Билјана

-За првото: „Колку прсти има? На мајка ангел!“
За второто: „Леле, ја родив, излезе!“ (на прв напон излезе, а не очекував).
Јасмина

– Господи, фала ти што детево нема огромна глава! Дента пред породување не им чинел апаратот за ехо и покажувал три пати поголеми мерки. Тројца доктори кога ме гледаа на ехо, кажаа дека бебето ќе има огромна глава. Кога го видов… совршено бебе.
Наташа

-Леле, Ненад (маж ми) без брада! Најинтересно е што ќерка ми беше буквално копија на маж ми.
Марија

-За првото кога се освестив (имав итен царски рез), прашав дали е живо. А за второто заплакав од среќа и кога го видов извикав: „Леле колку е мало“. Се роди 2.700 грама.
Кики

-Женско е? Леле готово!
Елена

-Прво што кажав и тоа гласно беше: „Живо ли е бебето?“ По триста маки за природно раѓање итно ме успаа и на крај ме породија со царски рез. За среќа, беше живо и здраво. Попладнето кога го видов само кажав: „Лелее, колку е убаво“. И се облив во солзи…
За второто, кога го слушнав како плаче, се растопив од среќа и само прашав: „Сè е во ред?“
Александра

-Леле, па убавка е.
Љубица.

-Со ќерката имав малку комплицирано породување и болки до небо. Кога се роди, топче, црно косе… прво што реков беше: „Ок, сега може да планираме второ?“
Снешка



912

X