Воспитување

Зошто сте на погрешен пат ако за вашето дете велите „ние“

Доколку често за детето зборувате користејќи го зборот „ние“, веројатно имате доживување на симбиотска врска со детето.

  • Ние сме се заљубиле.
  • Почнавме да јадеме кашички.
  • Почнавме да одиме на пливање.
  • Тренираме карате.
  • Веќе не носиме хеланки во градинка.

Примери

„Ние сме чудесно девојче, сè ни се простува“ – е објаснувањето на таткото на Софија (12 години) за тоа зошто очекува дека таа нема да биде казнета за изостанувањето од часовите. На зачудениот соговорник ништо не му било јасно, а дури на: „Чекај. Ние сме чудесно девојче? Не разбирам. Кој е чудесно девојче“, доби одговор од таткото на Софија: „Аха, па Софи“.

Намера

– Најчесто немате никаква посебна намера и можеби не сте ниту свесни за тоа дека кога му зборувате на своето дете, користите прво лице множина.
– Блиски сте со детето до таа мера што имате доживување дека и вам ви се случува она што му се случува нему.

Факти

Фактот е прилично очигледен: вие не сте вашето дете. Или конкретно: не сте се заљубиле вие, не сте вие чудесно девојче, не одите вие во градинка, ниту во хеланки, ниту во што било друго. Доколку често за детето зборувате користејќи „ние“, веројатно имате доживување на симбиотска врска со детето. Таквиот однос со детето може да ви биде важен, а на детето – потребен во раната возраст, додека сè уште е бебе. Бебето навистина има доживување на целина со мајката, а од друга страна, на мајката ѝ е полесно да воспостави подобра комуникација со бебето и да одговара на нејзините потреби во некој вид симбиотска врска.

Проблем може да настане ако таквиот вид однос се продолжува и негува подоцна, кога детето е на претшколска возраст, ученик или тинејџер. Во таквиот вид однос станува тешко да се препознае каде престанува детето, а каде започнувате вие. Имајќи го тоа предвид, не е исто дали ќе зборувате за своето едномесечно бебе и ќе речете: „Баш убаво денес спиевме“ или за својата 16-годишна ќерка ќе речете: „Ние сме се заљубиле“. Во првата ситуација ми е сосема разбирливо, а во другата би било добро мајката да го стави прстот на чело и да се запраша дали е време да ја остави својата ќерка да се заљубува и одљубува без мама.

Дали сум на погрешен пат?

– Вашето дете е бебе, а користете „ние“ кога зборувате за детето – НЕ СТЕ на погрешен пат.
– Ако зборувате за детето, а тоа не е бебе, користејќи го првото лице множина – СТЕ на погрешен пат.

Однесување на детето

– Понезрели облици на однесување од оние што се очекуваат на таа возраст.
– Детето ќе има послаба емоционална контрола.
– Детето ќе има тешкотии во преземањето одговорности.
– Детето ќе може да биде помалку самостојно од своите врсници.
– Низок праг на толеранција на фрустрација.

Можни исходи

– Емоционална и социјална незрелост.
– Тешкотии во препознавањето на она што се случува и преземање сопствена одговорност за тоа.
– Послабо социјално приспособување.
– Несамостојност.
– Ниска самодоверба.
– Тешкотии во остварувањето соодветни партнерски односи.

Совет

– Ако вашето дете е бебе, уживајте во симбиотска врска.
– Ако вашето дете не е бебе, прифатете го одвојувањето како нормален дел од созревањето и растењето.
– Исфрлете ги бебешкиот говор во множина и бебешкото однесување.

Порака: Чувството на независност може да се развива кај детето единствено ако родителот, во текот на растењето на детето, е подготвен на тоа. А на подолги патеки, тоа е еден од најголемите дарови што можеме да им ги дадеме на децата.

Автор: Невена Ловринчевиќ, психолог и автор на „Зошто не треба да бидете совршен родител“

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top