Премалку внимание во никој случај не е добро. Премногу внимание некогаш може да биде и полошо.

Познавам голем број родители што често велат: „Јас живеам за своите деца. Моите деца се единственото нешто што ми е важно во животот. Јас работам само за да успеат и да завршат факултет.“

Таквите родители се откажуваат од своите интереси, пријатели, не си посветуваат време за себе. Дури и ако се случи да ја напуштат куќата, што не спаѓа во категоријата рутински излегувања на работа или продавници, таквите родители се однесуваат како да одат на петнаесетдневно патување на исток. На децата стопати им повторуваат што да прават во нивно отсуство, се извинуваат што ја напуштиле куќата и штом стигнат онаму каде што требало да одат, им се јавуваат за да проверат дали е сè во најдобар ред.

Кога ќе се занемарите себеси и своите потреби во корист на вашите деца, не им правите никаква услуга

Воспитувањето деца за родителите е секогаш предизвик, кој е уште поголем за самохраните и разведените родители. Тие, речиси по правило, чувствуваат вина поради погрешниот избор на партнер, а во исто време стравуваат дека поради тој неуспех, нивните деца се изложени на ризик од емоционални проблеми. Таквите родители без дискусија избираат да престанат да размислуваат за себе, насочувајќи го целото внимание на своите деца. Се чини дека овие родители постојано чувствуваат вина и имаат потреба да се оправдаат поради тоа.

Кога ќе се занемарите себеси и своите потреби во корист на вашите деца, не им правите никаква услуга. Што всушност ги учите ако ги игнорирате вашите потреби? Ги учете да го жртвуваат она што се.

Вистината е дека децата, кога се мали, сакаат родителите да трчаат по нив, па можете да видите родители кои трчаат по децата штом тие ќе ја отворат устата. Тоа ги прави децата разгалени, со скратена фантазија.

Каде е проблемот? Зошто родителите кои целото внимание и грижа ги насочуваат на своите деца воспитуваат депресивни и вознемирени лица? Одговорот лежи во родителскиот страв од разделбата. Родителите не сакаат нивните деца да пораснат. Грижата за децата и решавањето на нивните проблеми служат како средство за пополнување на нивните сопствени „психолошки дупки“ и поради тоа тие продолжуваат да се мешаат во нивните животи дури и кога се во фаза на длабока зрелост. Во денешно време, родителите имаат помалку деца, инвестираат во нив и очекуваат нивните деца да ги исполнат нивните желби и да ги израдуваат со нивното достигнување (не е мал бројот на родители што имаат вистински стратегии за своите деца, од избор на училиште до животен партнер).

Овој воспитен стил има последици, па така на психотерапевтскиот кауч сè повеќе среќаваме млади, кревки луѓе кои доживуваат вистински слом доколку се случи нешто што не е во согласност со нивните очекувања и желби. Она што возрасните го игнорираат е фактот дека децата без стресни искуства – како непријатност, неуспех, големи напори да постигнат нешто – не можат да развијат „психолошка отпорност“.

Во професионалните кругови се води дебата за нешто што наликува, се осмелувам да кажам, на „инфлација на нарцизам“. Нарцисите се среќни во раното детство кога се центар на семејството, но како што растат и се соочуваат со светот со нарцисоидна самодоверба, се појавуваат депресијата и вознемиреноста. Низ годините, како што созреваме, проблемите се натрупуваат. Таквите лица имаат компромитирани способности за соработка со други и тешко се справуваат со ограничувањата. На работа тие очекуваат сè да им биде интересно, бидејќи се навикнати на тоа. Тие не се отпорни на критики и постојано очекуваат пофалби.

Јасно ви е дека тука нешто не е во ред и јасно ви е дека таквите лица страдаат.

Автор: Хелена Росандиќ, психотерапевт, магистер по клиничка психологија

Извор



912

X