Бев сосема без искуство кога станав мајка. Бидејќи живееме во град каде што сите малку подоцна добиваат деца, сè до 30-тата година немав можност да земам новороденче в рака. Никогаш претходно не сум променила пелени, ништо не знаев. Тоа мое незнаење беше особено изразено кога беа во прашање некои бебешки моменти.
Да, бебето ќе добие запчиња во еден момент, претпоставувам дека некогаш ќе почне да ползи, а потоа и да оди. Немав идеја кога и како ќе дојде до тие работи. Моето прво бебе малку ми ги помати сите очекувања. Роден е три недели пред терминот со итен царски рез, имав проблеми со доењето и бев многу анксиозна.
Сепак, тие клучни моменти ни одеа од рака. Беше понапреден од повеќето деца. Пред шестиот месец научи да седи, почна да лази, почна да оди и да зборува порано отколку што некој би помислил. А потоа добив близнаци. Целата анксиозност исчезна. Знаев како треба со бебе. Беше тешко да се приспособат бидејќи беа две бебиња во прашање, но знаев што им е потребно и што можам да очекувам. Не добиваа доволно на тежина, па им давав адаптирано млеко. И не бев лута на себе што имам проблем со доењето.

Ни се случи и пандемија, па цело време бевме со бебињата. Мислев дека ни оди одлично, а потоа почнав да ги споредувам со постариот син, а потоа и со другите бебиња околу себе. Изгледаше како моите деца да доцнат во сè. Наместо да се сетам колку првиот син беше понапреден од просекот, јас почнав да се грижам. Секојдневно гуглав: „Кога бебето треба да…“ и бев скршена и исплашена што моите деца сè уште не дошле до сето тоа. Одев и на педијатар со страв дека нешто не е во ред. Лекарката ме смируваше дека сè е во ред со нив, дека ќе се свртат, дека ќе седат тогаш кога ќе бидат развиени за тоа.
Полека престанав да размислувам за тоа кога моите деца ќе имаат нов клучен момент. Сакав да престанам да се грижам, баш во година која сама по себе е преполна со грижи. Сакав да уживам во бебињата. Во овој процес на оставање на целата грижа зад себе и уживање во моментот открив нешто преубаво. Конечно сфатив дека моите деца се различни од сите други. Да, тие се половина јас, а половина сопругот, но не се наши клонови. Имаат различни желби, различни се. Едното бебе, на пример, обожува да ползи со постариот брат, додека другото сака повеќе да седи пред огледало и да се смешка.
Ова е првата лекција што ја научив – важно е да сфатат кои се тие самите. Може да се грижам што другото бебе не сака да ползи, а може и само да го пуштам. Ги слушам лекарите, убаво се развиваат, здрави се. Важно е да се ужива секојдневно со нив бидејќи сè се случува толку брзо. Додека да трепнеш, тие пораснале.
Автор: Конз Пети